Албанската опозиција ќе излезе на масовен протест


Обединетата албанска опозиција денеска попладне ќе го одржи, како што го нарекува, четвртиот народен протест пред Владата во Тирана. Протeстот почнува во 18 часот и 30 минути, а според најавите од двете најголеми партии во обединетата опозиција, Демократската на Љуљзим Баша (ПД) и Социјалистичкото движење за интеграција (ЛСИ) на Моника Круемади, се очекува да биде најмасовен.

Баша синоќа објави спот за денешнот протест во кој упатува апел до сите Албанци.

– Сите обединети за една цел: Да ја направиме Албанија како Европа! Албанија како Европа, порача Баша.

И на денешнот протест опозицијата ќе ги повтори веќе познатите барања, заминување на премиерот Еди Рама и формирање техничка влада, која ќе спроведе фер и демократски избори. За безбедноста ангажрани ќе бидат повеќе од 1.200 полициски службеници од сите сектори кои ќе бидат распоредени главно пред Владата, но и други значајни институции. Како и на преходнте протести ќе има цистерни со вода за да во случај на потреба бидат употребени водени топови.

Вчера, ден пред протестот, Амбасадата на САД во Тирана, упати апел за воздржаност и искористување на демократското право на мирен протест. Во апелот објавен на фејсбук Амбасадата наведува дека правото на мирни протести е основно демократско право и нагласува дека во текот на последните неколку месеци, повеќето од учесниците го искористиле своето право на мирен протест.

– Нелегално и не демократски е да се има акти на насилство, вклучувајќи го и уништувањето на имот. Апелираме до сите лица вклучени во протестот в сабота, да се воздржат од насилство за да обезбедат мирен и конструктивен протест, апелира Американската амбасада во Тирана.

На воздржаност повика и евроамбасадорот Луиџи Сореца.

– Прво сакам да кажам дека го почитувам правото на граѓаните слободно да ја искажат својата волја. Поради оваа причина, оние кои сакаат да го изразат својот став очекувам дека тоа ќе го направат на правилен и мирен начин. Ова сум го кажал многу пати пред важни протести, изјави Сореца за телевизија Ора њуз.