Албанија за неколку дена ќе добие скрининг извештај, до крајот на годината ќе го отвори првото поглавје со ЕУ


Албанија е пред отворање на првото преговарачко поглавје со Европската унија, а Македонија заостанува. Ова е заклучокот од денешната порака на евроконмесарот Оливер Вархеи кој во расправа во Европскиот парламент најави дека „за неколку дена“ Европската комисија ќе го достави својот скрининг извештај до Советот на ЕУ, а Македонија абер нема кога ќе го добие својот кој, патем, се одолговлекува од страв дека Бугарија може да го блокира – повикувајќи се на фактот дека нема никаков напредок околу промената на Уставот.

-Од првиот ден на оваа Комисија, Западен Балкан е наш приоритет. Оваа заедничка работа и посветеност донесоа напредок.Процесот на скрининг е на добар пат. Делегациите од Албанија доаѓаат добро подготвени и активно се вклучуваат во дискусиите. Значи, скринингот се одвива непречено, а Комисијата во рок од неколку дена ќе го достави својот скрининг извештај до Советот, рече Вархеи во ЕП.

Според него, нема гомеи проблеми ни во судството во Албанија.

-Европската комисија во својот минатогодишен извештај заклучи дека функционирањето на судството во Албанија е умерено подготвено. Законската и институционалната рамка на Албанија за судството има високо ниво на усогласеност со правото на ЕУ и европските стандарди.Оттогаш, процесот на проверка се одвива добро, со 82% од судиите сега проверени во прв степен. По новите назначувања на судии, Високиот суд го намали заостанатиот број предмети и постигна кворум за именувања во Уставниот суд. Последното празно место во Уставниот суд беше пополнето во декември 2022 година…Постигнат е одреден напредок и во борбата против организираниот криминал и борбата против корупцијата. Специјализираната структура за судот за борба против корупција и организиран криминал (СПАК) донесе неколку важни одлуки кои ги засегаат и високите функционери, вклучително и поранешен јавен обвинител. Очекуваме континуиран напредок, во развивањето на силно досие за правосилните пресуди во случаите на корупција, особено на високо ниво, и во случаите на организиран криминал, рече Вархеи. 

Се ова, според него, докажува дека Албанија ја покажа својата решителност да напредува на патот кон ЕУ како сигурен партнер.

-Албанија измина долг пат на својот пат кон Европската унија, покажувајќи истрајност во спроведувањето тешки реформи во интерес на албанскиот народ. Ние би сакале да ја видиме земјата како влегува во следната фаза од процесот на пристапување, особено би сакале да ја имаме следната Меѓувладина конференција за отворање на првиот кластер за основи, уште оваа година, порача Вархеи, практично најавувајќи одлука за отворање на првото преговарачко поглавје. 

Во македонски политички кругови одамна се навестува дека Албанија ќе бара издвојување од Македонија во преговарачкиот процес и дека веќе силно притиска за тоа бидејќи не верува во нашите уставни промени.