Албанија се подготвува за издавање петта обврзница


Албанската Влада се подготвува да издаде еврообврзница на меѓународниот пазар во почетокот на 2022 година.

Експертот за финансиски пазари Елвин Мека објаснува дека и покрај тоа што домашниот пазар е ликвиден, извршната власт ја користи ситуацијата на странските пазари насочувајќи се кон поповолни интереси за да обезбеди поевтин долг.

– Она што го гледам е дека Владата се обидува да воспостави рамнотежа меѓу домашниот и надворешниот долг. Целта е да се постигне еден вид рамнотежа на девизниот курс. Со последните потези, подобро е Владата да позајмува во странство отколку дома, искористувајќи ги најповолните услови, изјави Мека за Топ чанел.

Тој зборува и за сценаријата како и каде Владата може да ги искористи средствата од оваа еврообврзница во износ од 500 милиони евра, која би била со рок на достасување од седум до 10 години.

– Дел од долгот може да се искористи за отплата на стари долгови. Друг дел за покривање на итни потреби и потреби што ги има буџетот за девизни обврски, а тоа може да бидат ЈПП кои се во странска валута, поради што албанската Влада со право е насочена кон странскиот пазар. Остатокот, ако остане, може да се пушти на домашниот пазар, но тоа може да го зголеми притисокот на девизниот курс, смета тој.

Ова ќе биде петти пат земјата да се појавува на пазарите на капитал, а во рамки на прелиминарниот дел од овој план Министерството за финансии е во потрага по наоѓање консултант кој ќе и помогне на Албанија да влезе на меѓународните берзи со цел да ги искористи најповолните услови.

Првпат тоа го направи во 2010 година кога позајми 300 милиони евра, вторпат во 2015 година со 450 милиони евра, третпат се задолжи со 500 милиони евра во 2018 година.

Во јуни 2020 година, Албанија четврти пат се задолжи со еврообврзница од 650 милиони евра, со каматна стапка од 3,6 отсто и рок на достасување од седум години.