Албанија ќе ни врати 21 украдена икона


Премиерот Димитар Ковачевски на заедничката прес конференција со албанскиот премиер Еди Рама потврди дека 21 вредна икона, украдени од црквите во Струга и Дебар, по 9 години ќе и бидат вратени на Македонија. Една од тие икони била донесена и преставена денес на заедничката седница, а за останатите се очекува да видат вратени наскоро, при што Ковачевски нагласи дека тоа било едно од ветувањата, покрај признавањето, што тој и го дал на МПЦ кога стапил на функцијата.

Против крадците на иконите се водел судски процес во Албанија, а иконите се чуваа во два музеја во Тирана. Тие се дел од 40 украдени икони што ги запленила  албанската полиција и  за кои нашата држава почнала постапка за враќање. Иконите се  украдени од црквите во струшките села Радожда, Буринец и Селце. 

– Ова е навистина голема година за нашите граѓани, особено за Македонците, затоа што на почетокот на годината МПЦ беше примена во сослужување со сите други православни цркви, потоа ги почнавме преговорите со ЕУ, следуваше потпишувањето на договорот за Фронтекс, каде македонскиот јазик првпат беше заедно со сите други јазици во ЕУ, одобрен од сите 27 членки и денеска нешто на што се работеше изминатите години – 21 икона кои припаѓаат на нашите манастири се враќаат во нашата држава, изјави премиерот Димитар Ковачевски, потенцирајќи дека ова е навистина голем гест од страна на министерствата за култура на двете земји.

Враќањето на иконите беше еден од договорите и меморандумите што ги потпишаа денес министрите од албанската и македонската влада во Скопје. Беше потпишан и Меморандумот за разбирање и соработка во областа на јавните финансии и процесот на пристапување во ЕУ,  Протоколот меѓу двете министерства и царински управи во врска со спроведувањето на Договорот за меѓусебно признавање на овластените економски оператори и овластувања за безбедност и одбрана помеѓу Советот на министри на Албанија и Владата на Северна Македонија, како и Имплементацискиот протокол за воспоставување на заеднички гранични премини согласно Договорот од јуни 2021 година, за меѓународниот граничен премин „Ќафасан/Кафтане“.

Во контекст на поврзувањето во развојот на економијата, потпишан е Меморандум за разбирање за развој на патната поврзаност помеѓу двете земји, со кој се изразува заедничката волја за соработка за постигнување на целта – поврзување на целиот Коридор 8 до 2030 година.

Министерот за економија Крешник Бектеши и албанската вицепремиерка и министерка за инфраструктура Белинда Балуку потпишаа Меморандумот за соработка во енергетскиот сектор, како и Меморандумот за заштита на претпријатијата. Ова е еден од значајните меморандуми што беше потпишан денеска во рамки на заложбите за обезбедување стабилни и одржливи извори на енергија, чија цел како што истакна и во своето воведно обраќање премиерот Димитар Ковачевски, е да се создаде рамка за соработка, за подготовка и реализација на заеднички енергетски проекти, фокусирани на подобрување на енергетската безбедност во регионот и сигурно снабдување со енергија.

Во делот на инфраструктурата, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и неговата колешка од Албанија Белинда Балуку потпишаа спогодби за делегирање услуги во воздушниот сообраќај и за меѓународен воден транспорт во Охридското Езеро, како и Меморандум за соработка за соработка за развој на патно поврзување . Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ и државниот министер и главен преговарач на Албанија Мајлинда Дука потпишаа Меморандум за соработка за прашања поврзани со интеграцијата во ЕУ.

Шефовите на дипломатиите на двете земји Бујар Османи и Олта Џачка потпишаа Меморандум за разбирање помеѓу двете Министерства за соработка во областа на дипломатската обука, а министрите за одбрана Славјанка Петровска и Нико Пелеши потпишаа Меморандум за разбирање за соработка во областа на одбраната.

Министрите за внатрешни работи Оливер Спасовски и Бледир Чучи потпишаа Договор меѓу двете Влади за формирање заеднички работни тимови во областа на безбедноста, како и Протокол помеѓу двете министерства за внатрешни работи за начинот на вршење или спроведување заеднички гранични проверки преминот „Ќафасан/Кафтане“. Како што објави Спасовски на својот фејсбук профил станува збор за два акта со кои две држави потврдуваат идна поинтензивна соработка и успех во заедничката борба со организираниот криминал, зацврстување на прекуграничната соработка и реализација на многу заеднички акции.

Според Спасовски, со Протоколот ќе се олесни преминувањето на патниците и ќе се скрати времето на чекање на државната граница, додека Договор за формирање заеднички работни тимови во областа на безбедноста и е во насока на унапредување на меѓусебната соработка, особено во борбата против организираниот криминал.

– Со склучувањето на договорот би се остварила директна соработка помеѓу двете полиции, односно помеѓу нивните работни тимови кои би се формирале, во насока на меѓусебна размена на информации, спроведување координирани активности, разгледување на соодветни тактики и други дејствија поврзани со кривични дела за чие расветлување е повеќе од потребна координирана и усогласена акција, наведе Спасовски.

На седницата беа потпишани и меморандуми и договори за соработка во областа на транспортот, дигитализацијата, здравството, социјалната политика, образованието…