Албанец од Косово убиен во Сирија
Косовските власти денеска ја потврдија информацијата дека вчера во Сирија загинал 25-годишен косовски државјанин кој се борел на страната на исламистичката терористичка организација Исламска држава (ИД).
Министерот за правда, Абељард Тахири изјави за медиумите дека Владата е информирана оти загинал Рон Емини од Приштина, кој членувал во терористичката група „Ал-Нусра“.
– Добивме информација дека кососвкиот државјанин, за кој има сомнежи дека бил дел од групата „Ал-Нусра“, Рон Емини загинал. Во моментов ние како Влада ги имаме тие информации и правиме напори да дознаеме повеќе, изјави Тахири.
Според приштинските медиуми, 25-годишниот Емини се приклучил на терористичката ИД во 2016 година.
Директорот на Агенцијата за разузнавање на Косово (АКИ) Шпенд Маџуни, во неодманешниот извештај пред собраниската Комисија за надзор врз АКИ, по повод враќањето на 110 косовски државјани од Сирија, информира дека во тамошната зона на конфликт и натаму се наоѓаат уште 65 косовци.
Според сознанијата на АКИ, од 2012 година, кога косовски државјани почнаа да заминуваат за Сирија, 334 лица се вратиле во земјата. Во воените зони во Сирија, вклучително вчерашното убиство на Емини, загинале 94 косовци, меѓу кои и жени и деца.