Албанци, Срби и Бошњаци уапсени во операцијата на косовската полиција
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска нагласи дека во акцијата на специјалните единици на Косово, наречени Росу, уапсени се 23 лица од српската и бошњачката националност во северниот дел на Косово, претежно членови на косовската полиција.
Според него, тоа е обид „за целосна криминализација на нашиот народ“.
Вучиќ во српскиот Парламент рече дека досега на територијата на северниот дел на Косово специјалните единици упаднале со 73 претежно оклопни возила, додека повеќе од 50 возила чекаат во јужна Митровица, 15 во општина Србица, а осум се веќе испратени во реонот на општина Зубин Поток.
– Досега се уапсени 23 лица од српската и бошњачката националност на територија на три општини – Косовска Митровица, Лепосавиќ и Зубин Поток, рече Вучиќ.
Тој потсети дека Белград имал сознанија дека тоа ќе се случи и дека на домашната и меѓународната јавност и претставниците на ЕУ на 17 мај оваа година им било предочено дека на Косово се подготвува апсење на десетици лица во северниот дел, под изговор за борба против организиран криминал и корупција, и дека тоа ќе предизвика голема вознемиреност и страв кај Србите.
Полицијата на Косово го потврди апсењето на неколку полициски службеници во обемната операција што започна утрово и информира дека тие се од различна етничка припадност, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во своето најново соопштение, полицијата информира дека акцијата продолжува и се одвива во повеќе косовски региони.
– Полициската операција, која се спроведува во неколку региони, меѓу кои и во општините Звечан, Зубин Поток, Лепосавиќ, Северна Митровица, Јужна Митровица, Србица и Глоговац, до сега резултира со апсењето на неколку граѓани и неколку полициски службеници од различни националности – Албанци, Срби и Бошњаци, кои се осомничени за разни дела, се вели во соопштението.
Полицијата информира и дека наишла на вооружен отпор во северно Косово, како и на блокади на патиштата, за кои била принудена да ги употреби потребните средства за отворање на патиштата заради продолжување на операцијата.
– Како последица на создадените пречки и попречувањето на полициските дејствија на терен од страна на некои граѓани на север од Митровица, полицијата во полициска станица приведе и неколку граѓани инволвирани во овие случаи, соопшти полицијата.
Таа ги повика граѓаните да не подлегнуваат на различните провокации, бидејќи, како што вели, „полициската акција има за цел борба против криминалот и е во интерес на сите граѓани и на државата“.