Албанци протестираа пред Белата куќа против Рама и Сорос


Протест против албанскиот премиер Еди Рама вчера се одржа пред Белата куќа во Вашингтон, на кој присуствувале повеќе десетици Албанци кои живеат во САД, главно од Бостон, Њу Јорк, Њу Џерси, Пенсилванија и Мичиген.

Според албанските медиуми, насобраните освен против владата на Рама протестирале и против „мешањето на милијардерот Џорџ Сорос во работите на Албанија, чиј син многу често е гостин на премиерот Рама“.

Тие му се обратиле на американскиот претседател Доналд Трамп со молба да обрне внимание на она што се случува во Албанија.

– Ние не сме дел од ниедна организација или партија. Ние сме само обични Албанци заинтересирани за правата и слободите на нашиот народ, кои се негирани од актуелната влада, која е заробена од криминал и корупција, изјави Вера Матоши учесник на протестот.

Освен транспаренти на кои пишува „Рама оди си“ тие носеа и транспаренти против милијардерот Џорџ Сорос, кого го обвиниле дека дестабилизира земја-членка на НАТО, како што е Албанија.

– Џорџ Сорос е вмешан во секое ќоше. Според информациите, тој дал многу пари во судските реформи, во една неуспешна реформа. Треба да си замине час побрзо од албанската политка, бидејќи влијае негативно. Како бизнисмен може да биде многу успешен и почитуван, но врз албанската политика делува многу лошо, бидејќи ја инхсталираше екстремната левица, истакна Бесник Џама.

Учесниците на протестот побарале од претседателот Трамп во Албанија да испрати судии и обвинители, бидејќи единствено „американски судии и обвинители можат да ја сменат земја“.