Алармантни оценки од УКИМ: Високото образование урнисано и пред распаѓање
Високото образование е во распаѓање, неопходни се итни реформи. Еден од проблемите што го посочуваат професорите е начинот на финансирање на факултетите, што е застарен и потекнува од осумдесеттите години. Модерните текови во високото образование бараат и научни фондови, инвестиции, но и обнова на објектите кои на најголемиот и најстар универзитет „Св. Кирил и Методиј“ се од пред 40 години, истакнаа професорите на научна трибина „Финансирањето на високото образование“.
„Иако Законот за високото образование ни дава академска слобода, во голема мера тој не е синхронизиран со другите закони, како што се Законот за работни односи и Законот за трансформација. Многу енергија се губи околу докажување дали е нешто според закон. Според Законот за вработување, четири месеци трае конкурс, а со Законот за високото образование трае шест месеци, така што постојано доаѓаме до судир со Агенцијата за вработување околу тоа по кој закон и како да постапиме при вработувања. Со Законот за трансформација ние не можеме да ангажираме студент и надворешни професори, иако тој беше поттикнат од Стопанската комора за да не се прави дискриминација. Платите и системот на финансирање се многу застарени и се од пред 30 години, што го спречува нашиот развој. Станавме неатрактивни на конкурсите за вработување, при што имаме ситуации да не се јавува никој или да имаме по еден кандидат. Во минатото имавме по четири или пет кандидати. Кога ќе им ја спомнеме плата за работа, 500 евра за доцент, се откажуваат. На некои факултети, пак, земаат и помалку. Со тие 500 евра тој треба да се усовршува, да плати докторски студии околу 5.000 евра и да патува во странство.
Еден професор не се создава преку ноќ ,тоа е долг процес, потребни се минимум 10 години за да добиеме наставник. Досегашниот застарен модел сето тоа го спречува и на некој начин доведува до неефикасност на високото образование. Да најдеме пат за излез од ситуацијата, да развиваме библиотеки, дигитални бази. Ние сами се снаоѓаме, потпрени само на парите од студентите, во ситуација кога миграциите се големи и кога бројот на студенти драстично опаѓа. Застарена е и инфраструктурата на нашите згради, кои се градени пред 40-50 години. Ние со своите средства се обидуваме да го надополниме она што фали колку што можеме, така што потребно е постепено да се инвестира во научната инфраструктура“, ја отслика состојбата Ратко Дуев, декан на Филозофскиот факултет при УКИМ.
Министерот за образование и наука, Арбер Адеми, рече дека моделот на финансирање ќе се модифицира и новиот концепт ќе има три компоненти, односно столбови.
„Првиот столб подразбира исплата на фиксен буџет за секоја високообразовна установа кој се пресметува по формула базирана на детерминанти, како бројот на студенти и реални трошоци за студирање, број на издадени дипломи, број на професори, издадени научни публикации и слично. Практично се работи за истиот основен износ кој високообразовните установи го добиваа и досега, а сега само се допрецизираат критериумите врз основа на кои ќе се добива и за кои ставки ќе треба установите да го распределуваат. Вториот столб предвидува финансирање врз основа на договори помеѓу МОН и секоја високообразовна установа, а со цел финансирање на претходно заемно договорени активности кои се во насока на остварување на национални цели и подобрување на резултатите на определената високообразовна институција. Секако во овој дел ќе се следат одредени индикатори за успешноста во работењето на високообразовните установи и реализацијата на предложените проекти и активности. Третиот столб е наречен иновативен фонд, односно универзитетите ќе добиваат средства за финансирање на иновативни проекти и програми кои самите ги предлагаат до МОН, а се поврзани со наставата, со капацитетот за истражување на установата и слично. Идејата е да направиме реформа со одвојување на повеќе средства од оние што досега се двоеле за високообразовните установи и да ги мотивираме установите да се заложуваат што повеќе за добивање на поголеми буџети“, посочи Адеми.
Овие три столба може да гарантираат успех за еден подолг период, вели универзитетскиот професор Илија Ацески, ама потребни се промени кои побргу ќе се реализираат за да се подобри квалитетот на урнисаното високо образование.
„Високото образование е урнисано и распаднато. Потребни се брзи и динамични мерки. Потребно е тело или комисија што ќе изврши реална проценка на квалитетот на високото образование и од тоа да произлезат болни резови. Самиот факт што има групи, институти, каде што 90 отсто од тие што дипломираат не работат тоа што го учеле, ја урива целата морална професионална пристапност. Иако 10 отсто доаѓаат да го потрошат времето, што е со другите 80 отсто? Ние имаме многу малку истражувања, особено во социјалните науки. Потребни се резови кои ќе значат исчекор и ќе мобилизираат доволно енергија внатре во факултетите за да се реализираат тие промени. Ние не сме мрднале од осумдесеттите години. Имаме факултети без ниту еден асистент, професори со 15 предмети“, рече универзитетскиот професор Илија Ацески.
Хаос со студиските програми
Министерот Арбер Адеми не е задоволен што една студиска програма ја има на повеќе факултети на ист универзитет.
„Не може една студиска програма да биде акредитирана на повеќе факултети. Ако се концентрираат финансиите на една студиска програма, би се обезбедил повисок квалитет. Бројката сега е над 1 000 студиски програми и од ден на ден е различна, оти стигнуваат решенија за акредитирани нови студиски програми. Навистина е штетно. Треба совесно и одговорно да пристапиме кон решавање на проблемот со сите ректори за да почнеме иницијатива за оптимизација или рационализација на студиските програми“, додаде министерот.
Вероника Мароска-Леова