Актуелните разузнавачи на САД сметаат дека објавата на писмата на Хантер Бајден не е масло на Русија, поранешните тврдат дека е
Лаптопот со електронски писма на украински бизнисмени, што наводно му припаѓал на Хантер Бајден, син на претседателскиот кандидат Џо Бајден, е прегледан од Федералното биро за истраги (ФБИ) кое заклучи дека Русија не е поврзана со објавата на писмата минатата недела од весникот Њујорк пост.
Педесетмина нивни колеги, поранешни високи официјални службеници на разузнавачката заедница, пак го тврдат обратното, дека објавата на писмата е обид на Русија да влијае врз уште едни избори во САД.
ФБИ е на линија на директорот на Националното разузнавање на САД, Џон Ратклиф, кој изјави дека електронските пораки во лаптопот „не се јавуваат како дел од некаква руска кампања за дезинформација“, соопшти синоќа Фокс њуз повикувајќи се на свои извори.
– Да бидам јасен: разузнавачката заедница не верува во тоа, затоа што нема никакви разузнавачки информации кои можат да го потврдат, изјави Ратклиф. Додаде дека тие не споделиле материјали со Адам Шиф, или со некој друг од Конгресот. Шиф, претседател на Комитетот за разузнавање во Претставничкиот дом, вчера имаше изјава во врска со улогата на Русија во објавата на писмата од лаптопот на Хантер Бајден.
Дека ова е дел од најновите обиди на руската вмешаност во изборите во САД, завчера во писмо укажаа повеќе од 50 поранешни високи официјални службеници на американските разузнавачки служби. Во него тие изразија увереност дека објавата на писмата на Бајден, на две недели пред крајот на изборите, е класична руска операција, пренесе Политико. Тие сметаат дека Москва сега, како и во 2016 година, се обидува да влијае на исходот од изборите.
Од писмата се дознава дека украински бизнисмени преку Хантер Бајден барале прием кај неговиот татко, тогашен потпретседател на САД. А се инсинуира дека неговиот син имал корист од тоа што бил ставен на управна позиција во украинската енергетска компанија Буризма.
– Појавата на електронски писма во политичката арена на САД коишто наводно биле на синот на потпретседателот на САД, Џо Бајден, голем дел од кои се однесуваат на периодот кога тој работел во раководството на украинската енергетска компанија Буризма, e класичен признак на руска информациска операција, се вели во писмото, потпишано од Леон Панета, поранешен шеф на Пентагон, екс директорите Мајкл Хајден и Џон Бренан, како и други.