Актерот Љутков ќе стане министер за култура, ова се 16-те министри во независна Македонија


Актерот Зоран Љутков, вработен во Драмски театар и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ,  ќе биде нов министер за култура и туризам. 

Ова  го соопшти лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар за состав на новата Влада Христијан Мицкоски. 

Согласно новите реформи некои од ингеренциите што ги имаше Министерството за економија, особено во делот на туризмот, сега ќе бидат присоединети во новото министерство – министерство за култура и туризам со кое ќе раководи Љутков. 
 

 

Љутков е роден на 1. октомви 1977 година во Велес.

Дипломира актерска игра на Факултетот за драмски уметности (2001), а потоа запишува постдипломски студии за сценски дизајн на Универзитетот во Белград, Србија.

Работи во Драмски театар од 2006, каде покрај актерскиот ангажман ја извршува и функцијата уметнички раководеител (2010-2014). Покрај настапите на матичната сцена, Љутков настапува и на сцените на останатите национални установи и независни театарски сцени во Р.Македонија. Кај детската публика е препознатлив по улогата на Комшо од телевизискиот серијал Петко. Селектор за драмската програма е на Меѓународниот Фестивал „Охридско лето“. 

Добитник е на бројни награди меѓукои: Награда за млад актер „Трајко Чоревски”, за улогите во претставата „Синдром Чернодрински” на МТФ „Војдан Чернодрински” (Прилеп, 2002); Награда за најдобра машка улога за улогата на Цанде во претставата „Солунски патрдии“  на Првиот Интернационален Фестивал „Гола Месечина” – Општина Аеродром (Скопје, 2014) и други. 

Љутков е женет и е татко на две деца. 

 

Кој најкусо, а кој најдолго беше министер за култура

 

Вкупно 16 министри го водеа ресорот култура во независна Македонија. Од нив само првиот бил независен, академик Цветан Грозданов, еден од најреномираните византолози на Балканот. Тој беше министер за култура во првата техничка влада во независна Македонија, а мандатот му траеше 18 и пол месеци.

Македонија денеска одбележува 31 година од независтноста. Според статистиката, шест министри биле од редовите на СДСМ, четворица од ВМРО-ДПМНЕ, по два од ДПА и од БЕСА, еден од ПДП и еден независен. Интересно е што на сите мандатите им траеле од една до две години. Само еден министер имал долг мандат – Елизабета Канческа-Милевска која раководеше со ресорот скоро 9 години. Најкус мандат имаше Љубен Пауновски – само 7 месеци. И двајцата беа од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

1. Цветан Грозданов  (20 март 1991 – 5 септември 1992) независен

Цветан Грозданов (Охрид, 5 март 1936 – Скопје, 30 март 2018) прв министер за култура на независна Македонија. Тој е македонски византолог, историчар на уметноста, академик и политичар. Беше претседател на Македонската академија на науките и уметностите од 2004 до 2008 година, надворешен член на САНУ. Грозданов е еден од најреномираните византолози на Балканот.

2. Ѓунер Исмаил  (5 септември 1992 – 20 декември 1994) СДСМ

Ѓунер Исмаил (27 септември 1951 година во Битола) е македонски политичар, издавач, публицист, општественик и политичар од турско потекло. Завршил Филозофски факултет во Скопје. Со пишување почнал во студентските денови, со театарски рецензии за МОТ и фестивалот „Војдан Чернодрински“. Првите трудови ги објавил во весникот „Комунист“, соработувал и во „Млад борец“, долги години бил колумнист во „Дневник“. Тој е еден од основачите на магазинот „Форум“.

3. Ешреф Алиу (20 декември 1994 – 30 мај 1997) ПДП

Ешреф Алиу е роден во 1939 година во Велики Трновац, кај Бујановац. Тој писател, новинар и политичар. Дипломирал на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Скопје во 1981 година. Работел во НИП „Нова Македонија“. Пишува на албански и македонски литературен јазик во многу весници и списанија. Член е на Македонскиот ПЕН центар.

4. Слободан Унковски (30 мај 1997 – 30 ноември 1998) СДСМ

Слободан Унковски е роден во Скопје, во 1948 годиа. Тој е еден од најпознатите македонски театарски режисери, универзитетски професор и политичар. Автор е на многу претстави во Македонија и во странство.

5. Димитар Димитров (30 ноември 1998 – 28 декември 1999) ВМРО-ДПМНЕ

Димитар Димитров е роден во селото Цакони, Воденско, Егејска Македонија во 1937 година. Тој е македонски поет, есеист, критичар, преведувач од турски, писател за деца, политичар и дипломат. Во времето на Грчката граѓанска војна неговото семејство побегнало во Македонија. Во Скопје го завршил средното образование и завршил Филозофски факултет. Во Љубљана завршил магистерски степен, додека во Загреб завршил докторат со титула доктор по филозофски науки. Бил професор на Филолошкиот факултет во Скопје, амбасадор на Македонија во Руската федерација, а од 1970 година станал член ДПМ.

6. Љубен Пауновски (28 декември 1999 – 28 јули 2000) ВМРО-ДПМНЕ

Љубен Пауновски е роден е во 1958 година во Прилеп, а детството го поминува во Демир Хисар. Диломирал на Филозофскиот факултет – историја на уметноста со археологија во Скопје 1984 година. По дипломирањето се вработува во Македонската радио-телевизија, како новинар и уредник во редакција. Извесен период бил советник на градоначалникот на град Скопје, а потоа пратеник во Собранието.

7. Ганка Самоиловска-Цветанова (28 јули 2000 – 1 ноември 2002) ВМРО-ДПМНЕ

Ганка Самоиловска-Цветанова е родена во 1968 година во Скопје. Работела како доцент на Факултетот за музички уметности на Скопскиот универзитет. Потоа била директор на Македонската филхармонија и претседател на Управниот одбор на фестивалот „Охридско лето“. Денес е професорка на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувањата при УКИМ.

8. Благоја Стефановски (1 ноември 2002 – 26 август 2006) СДСМ

Благоја Стефановски-Баге е роден во Битола во 1953 година. Дипломирал на отсекот за драмски глумци на Факултетот за драмски уметности во 1975 година. Од 1975 до 1980 година бил директор на Битолскиот народен театар. Бил претседател на Фестивалот „Браќа Манаки“, претседател на Советот и селектор на драмската програма на Фестивалот „Охридско лето“ и претседател на Фестивалот „Војдан Чернодрински“. Беше пратеник во Собранието. Почина во 2020 година.

9. Илирјан Беќири (26 август 2006 – 12 април 2007) ДПА

Илирјан Беќири е роден во Тетово во 1968 година. Дипломирал на Факултетот за ликовна уметност, отсек сликарство на Тетовскиот универзитет во 1998 година, а магистрирал во 2002 година на Универзитетот во Приштина. Од 1998до 2002 бил асистент на Факултет на ликовна уметност, а од 2002-2005 година и професор на истиот факултет.

10. Арифхикмет Џемаили (12 април 2007 – 27 јули 2008) ДПА

Арифхикмет Џемаили е роден во 1953 година во Боговиње, Тетовско. Тој беше избран за министер за култура од редовите на ДПА. Денес е .редовен професор, Факултет за уметност (студиска програма – музичка уметност) на Државниот универзитет во Тетово.

11. Елизабета Канческа Милевска (27 јули 2008 – 1 јуни 2017) ВМРО-ДПМНЕ

Елизабета Канческа-Милевска е родена во 1970 година во Велес. Таа има најдолг мандат како министер за култура во независна Македонија. Дипломирала на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, група социологија. Во 2012 година докторирала на Филозофскиот факултет при УКИМ на темата „Европскиот културен модел и културно-интеграциската политика на Република Македонија“.

12. Роберт Алаѓозовски (1 јуни 2017 – 4 јуни 2018) СДСМ

Роберт Алаѓозовски е роден во 1973 година во Струмица. Тој е македонски есеист, раскажувач, критичар и преведувач. Магистрирал на катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет во Скопје. Автор е на многу рецензии, критики, есеи, прилози и студии од областа на филмот, литературата, театарот и од интердисциплинарни теми, објавени во повеќе весници и списанија.

13. Асаф Адеми (4 јуни 2018 – 26 јуни 2019) БЕСА

Асаф Адеми е роден во 1980 година. Тој е магистер по градежништво. Пред да биде избран за министер за култура, бил директор на канцеларијата на INSCALE Global’s во Скопје. Има повеќе од 15 години професионално искуство во човечки ресурси, стратешко планирање, комуникација и управување со конфликти и искуство во водењето и растот на големи организации.

14. Хусни Исмаили (26 јуни 2019 – 31 август 2020) БЕСА

Хусни Исмаили е роден во 1963 година. Тој е ревматологот од Тетово и професор на Медицинскиот факултет на ДУТ. Медицинско образование го стекнал на УКИМ и на Универзитетот во Тузла, Босна и Херцеговина. Автор и коавтор е на голем број научни трудови, изданија-прирачници од областа на ревматологијата.

15. Ирена Стефоска (31 август 2020 – 16 јануари 2022) СДСМ

Ирена Стефоска е родена во 1967 година. Таа е професор на Институтот за национална историја. Во 1991 година дипломирала на Институтот за класични студии на Филозофскиот факултет во Скопје. Магистрирала на Средноевропскиот Универзитет во Будимпешта (1994), и на Филозофскиот факултет во Белград (2001). Докторирала на Институтот за историја при Филозофскиот факултет во Скопје (2007). Добитник е на Фулбрајтовата стипендија, професор истражувач на Универзитетот Браун во САД (2009/2010), и на стипендијата на Фондацијата Роберт Бош, на програмата „Historical Dialogue and Accountability“ на Универзитетот Колумбија. Била пратеник во Собранието од 2016 до 2020 година.

16. Бисера Костадиновска-Стојчевска (16 јануари 2022 – до денес) СДСМ

Бисера Костадиновска-Стојчевска е родена во 1986 година во Битола. Докторирала на Педагошкиот факултет при УКЛО во Битола, англиски јазик. Од 2009 до 2012 година e избрана за лектор по англиски јазик и држи предавања по предметот Англиски јазик на Педагошкиот факултет во Битола. Од 2011 до 2012 година била предавач по англиски јазик во Агенцијата за електронски комуникации во Битола, а потоа пратеничка во Собранието каде членувала во неколку комисии.

 

Бр. Портрет Име
(роден-починал)
Почеток на мандатот Крај на мандатот Политичка припадност
1 Цветан Грозданов
(род. 1936)
20 март 1991 5 септември 1992 независен
2 Ѓунер Исмаил
(род. 1951)
5 септември 1992 20 декември 1994 СДСМ
3 Ешреф Алиу
(род. 1939)
20 декември 1994 30 мај 1997 ПДП
4 Слободан Унковски
(род. 1948)
30 мај 1997 30 ноември 1998 СДСМ
5 Димитар Димитров
(род. 1937)
30 ноември 1998 28 декември 1999 ВМРО-ДПМНЕ
6 Љубен Пауновски
(род. 1958)
28 декември 1999 28 јули 2000 ВМРО-ДПМНЕ
7 Ганка Самоиловска – Цветанова
(род. 1968)
28 јули 2000 1 ноември 2002 ВМРО-ДПМНЕ
8 Благоја Стефановски
(1963-2020)
1 ноември 2002 26 август 2006 СДСМ
9 Илирјан Бекири
(род. 1968)
26 август 2006 12 април 2007 ДПА
10 Арифхикмет Џемаили
(род. 1953)
12 април 2007 27 јули 2008 ДПА
11 Елизабета Канческа Милевска
(род. 1970)
27 јули 2008 1 јуни 2017 ВМРО-ДПМНЕ
12 Роберт Алаѓозовски
(род. 1973)
1 јуни 2017 4 јуни 2018 СДСМ
13 Асаф Адеми
(род. 1980)
4 јуни 2018 26 јуни 2019 БЕСА
14 Хусни Исмаили
(род. 1963)
26 јуни 2019 31 август 2020 БЕСА
15 Ирена Стефоска
(род. 1967)
31 август 2020 16 јануари 2022 СДСМ
16 Бисера Костадиновска-Стојчевска
(род. 1986)
16 јануари 2022 во служба СДСМ