Актерот Кили повторно вработен во МНТ
Актерот Кирил Поп Христов повторно се врати во својот матичен театар. По неколкугодишното живеење на Еквадор и паузата од театарската сцена, тој од јули 2018 година е повторно вработен Македонскиот народен театар.
Сега останува да видиме со која улога и во која претстава ќе го направи својот камбек пред домашната публика.
Кирил Поп Христов е роден на 30 јули 1967 година, во Скопје. Дипломира на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, на Факултетот за драмски уметности, Скопје, на отсекот за актерска игра во класата на проф. Љубиша Георгиевски, во 1989 година.
Во Македонски народен театар се вработи во 1993 година и беше негов матичен театар сè до 2014 година, кога Кили се отсели на Еквадор.
Пред повеќе од една година тој повторно се врати во Скопје, а во тогашното интервју за „Независен весник“ раскажуваше за животот во еквадорското село Манглар Алто, но и за тоа зошто му беше прекинат ангажманот во МНТ.
– Бев избркан со образложение дека не сум се појавил на работа. Ете, тоа беше. Знаеш како е во бирократските институции, ако не се јавиш два дена на работа, ќе те избркаат. А јас бев на Еквадор да се лекувам и тие знаеја за тоа. Па, што тогаш ти кажува тоа? Кај нас има глумци кои по 14 години се немаат појавено на работа, единствено можеби до бифето влегле – рече Кили во тогашното интервју.
Неговото враќање во Скопје беше дочекано со многу позитивни реакции од страна на јавноста и неговите театарски колеги.
– Како ансамбл, како колеги, јас никогаш не сум се чувствувал отфрлен од тој театар. Напротив, сите се сакаме, се дружиме кога работиме на проекти, а кога не работиме, се случува да не се видиме и со месеци. Но јас бев исфрлен од мојата родна куќа, јас така го викам МНТ, бидејќи мајка ми ме носеше таму уште кога имав четири месеци. Таму сум од бебе и веројатно опиен од мирисот на театарот и јас почнав да се занимавам со театарска уметност – раскажа тогаш Кили.
Неговата сопругата Гордана Деан Поп Христова сè уште живее и работи на Еквадор како танцов кореограф. Нивната повозрасна ќерка Нина Деан во 2016 година направи трансфер од „Театар комедија“ во Македонскиот народен театар. Помладата ќерка, пак, Јоана Поп Христова, остана да живее на Еквадор и пред неколку месеци направи венчавка со Родригез Сориа Хозе Луис, а најавија дека наскоро ќе станат и родители.
И.Н.
фото: Борис Грданоски