Актерите од „Диџеј Ахмет“ на црвениот килим во Сараево: Голем успех на македонската кинематографија


„Диџеј Ахмет“, дебито на режисерот Ѓеорги М. Унковски, синоќа,  имаше регионална премиера во конкуренцијата за наградата Срцето на Сараево на 31. Сараевски филмски фестивал (15-22 август). На црвениот тепих на најпрестижниот филмски фестивал во регионот и пошироко, зачекори дел од екипата на филмот. Тие отпосле ставија и свои потписи на нивните портрети во фоајето на Народното позориште во Сараево. Ова е голем успех за македонската кинематографија, со оглед на тоа дека ретко имаме филм во официјална селекција на овој фестивал.

„Диџеј Ахмет“ ќе го затвори и 46.издание на Фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола, кој ќе се одржи од 20 до 26 септември. Ова ќе биде и македонската премиера на филмот.

Светската премиера на „Диџеј Ахмет“ беше на 24 јануари, на фестивалот Санденс во Парк Сити, Јута, каде доби две награди: Наградата од публиката во програмата Светски филм и Специјалната награда на жирито за креативна визија. Оттогаш има добиено вкупно седум награди.
 
Ариф Јакуп го игра главниот лик Ахмет

Агенцијата за продажба на права „Филмс бутик“ од Берлин ги продаде правата за диструбуција на македонскиот филм во Австралија и Нов Зеланд, Бенелукс, Канада, Шпанија, Израел, Португалија и во земјите од поранешна Југославија.

„Диџеј Ахмет“, на турски и македонски јазик, е драма со примеси на комедија за Ахмет, 15-годишно момче од забито јуручко село во Источна Македонија, кое наоѓа прибежиште во музиката и сонува да стане диџеј додека се справува со очекувањата на татко му, конзервативната заедница и неговото прво искуство со љубовта – девојка која веќе му е ветена на некој друг.

„Диџеј Ахмет“ се снимаше лани во октомври и ноември во селата Коџалија и Али Коч во Радовиш и во Скопје. Сценографи се Дејан Ѓошевски и Александра Чевреска, костимограф Роза Трајчевска, шминка и маска Душица Вуксановиќ-Дуда, снимател на тон Павел Јан, монтажер Михал Раих. Во главните улоги се Ариф Јакуп, Дора Акан, Наим Агушев и Аксел Мехмед. Во останатите улоги се Селпин Керим, Елхаме Билал, Адем Карага, Метин Ибрахим и други. Кастинг директор е Киријана А. Николоска.

Филмот е копродукција помеѓу „Синема футура“ и „Сектор филм“ од Македонија, „Алтер вижн“ и „Аналог вижн“ од Чешка, „Бекрум продукција“ и „Баш Челик“ од Србија. Продуценти на филмот се Иван Унковски и Ивана Шекуткоска.

Филмот беше поддржан со 23.5 милиони денари (околу 380.000 евра) на конкурсот на Агенцијата за филм за 2020 година во втор рок на одлучување, а доби поддршка од 160 илјади евра на паневропскиот филмски фонд Еуримаж.

Фото: Сараево филм фестивал