Ако мора, бугарските здруженија ќе ги сменат имињата


 

Бугарските здруженија во земјава ќе постапуваат според закон, кој предвидува во рок од три месеци да си ги променат имињата, вели финансиерот Милен Врабевски. 

Бугарските здруженија ќе направат сè што е потребно да продолжат да постојат во согласност со сите закони во Северна Македонија, велат од Фондација „Бугарско сеќавање“ на бугарскиот бизнисмен и филантроп Милен Врабевски. Фондацијата на барање на бугарската држава ги финансира овие здруженија во Македонија.

Со законот директно се засегнати бугарските здруженија во земјава, „Ванчо Михајлов“ во Битола и „Цар Борис Трети“ во Охрид. Тие имаат рок од три месеци да ги усогласат своите имиња или ќе бидат избришани од Централниот регистар, откако македонското Собрание на 2 ноември изгласа измени на Законот за здруженија и фондации, со кои се забранува именување здруженија според спорни историски личности, кои се поврзуваат со фашизам.

Во одговор за Радио Слободна Европа од Фондацијата велат дека како земја членка на Европската унија секогаш постапуваат по закон, и доколку никој не ги обжали на повисоко ниво измените на Законот за здруженија, бугарските здруженија ќе го почитуваат тоа.