Ако ГЕРБ не успее да формира влада ќе го поддржи Слави Трифонов, како и сите други


Владата на Борисов си даде оставка, парламентот денеска ја прифати, од понеделник почнуваат консултациите на претседателот Радев со партиите за избор на нов кабинет

 

(Од нашиот дописник)                                                                                                                                                                   Јовка Димитрова

СОФИЈА – Бугарскиот парламент во петокот ја прифати оставката на владата на Бојко Борисов на вториот ден од неговото конституирање.

Партијата ГЕРБ на Борисов освои најмногу гласови на изборите на 4 април (26%), но недоволно за формирање нова влада, а другите партии изјавија дека нема да поддржат нов кабинет за владејачката партија.

Гласањето за оставка се одржа во отсуство на премиерот Борисов, кој изненадувачки доцна во четвртокот објави дека е на одмор. Така, тој избегна да известува за работата на неговите министри во изминатите четири години. Борисов исто така не присуствуваше на парламентарното гласање, кое беше поддржано од сите партии, освен од ГЕРБ.

Кабинетот на Борисов ќе продолжи да владее, иако со оставка, сè додека не се избере нова влада. Постапките за нејзиното формирање ќе започнат в понеделник, кога претседателот Румен Радев ќе свика консултации со партиите претставени во парламентот. Радев рече дека нема да го одложи доделувањето мандат на најголемата парламентарна група – ГЕРБ, и тоа се очекува да се случи следната недела.

Бојко Борисов, кој е претседател на ГЕРБ, рече дека активно подготвува состав на ваква влада, со која ќе раководи поранешниот министер за надворешни работи во неговиот втор кабинет Даниел Митов (2014-2017). Самиот Борисов нема да се кандидира за оваа функција, откако претходно одби да биде пратеник, задржувајќи ја само партиската функција.

Во отсуство на поддршка за новата влада на ГЕРБ, најголема шанса за преземање на владата на Бугарија има втората по големина парламентарна група на Има таков народ на шоуменот Слави Трифонов. Тој ќе добие мандат да формира влада во случај на неуспех на Борисов. Сите други партии во парламентот, вклучително и ГЕРБ, изјавија дека ќе го поддржат.

Досега, сепак, самиот Трифонов не коментираше дали ќе формира влада или сака да оди на нови избори. Неговиот претставник, Тошко Јорданов, пред Националното собрание во четвртокот рече дека работата на новиот парламент треба да биде кратка, при што пратениците приоритетно да го променат изборното законодавство и да ја распуштат сегашната Централна изборна комисија заменувајќи ја со нова. Трифонов, кој се заколна како пратеник онлајн, е во самоизолација поради тоа што е заболен со Ковид-19. Нејасно е дали тој ќе учествува во политичките консултации на претседателот Радев и ќе го разјасни неговиот став кон преземање одговорност за владата.

Во една од неговите последни одлуки, пред да си даде оставка, Бојко Борисов го распушти стручниот совет за борба против здравствената криза, Националниот оперативен штаб, кој го советуваше за управување со здравствените и ограничувачките мерки. Иако веќе не постои, штабот во петокот одржа прес-конференција. На неа министерот за здравство Костадин Ангелов објави дека Бугарија се справила со третиот бран на корона вирусот, а бројот на нови случаи е веќе помал од оној на излечените. Сепак, смртноста останува висока со просек од 120 смртни случаи на ден. Во болниците со Ковид-19 има 9.523 пациенти, од кои 811 се во критична состојба. Министерот за здравство рече дека тој е одговорен за управување со здравствената криза сѐ додека не се избере нова влада.