Ако Борисов не е кандидат за премиер на ГЕРБ, кој би можел да биде


Во бугарската јавност се споменуваат двајца европратеници, две министерки (едната е Екатерина Захариева), но и поранешниот шеф на дипломатијата Николај Младенов

 

Откако денеска бугарскиот премиер Бојко Борисов се откажа од пратеничкото место во идниот парламент и имунитетот и откако вчера важни министри изјавија дека партијата ГЕРБ би предложила друг нејзин член за премиер, во Софија владее неизвесност како ќе се одвива расплетот по изборите. Државната изборна комисија уште ги нема објавено официјалните резултатит и распоредот на мандатите за да бидат појасни можните коалиции.

Борисов беше на прво место на листите во две изборни единици – на една во Софија и таа во Пловдив. Таму тој се бореше за поддршка на гласачите против лидерите на БСП и Демократска Бугарија, Корнелија Нинова и Христо Иванов. ГЕРБ освои најмногу гласови во двата региона.

Владејачката партија бара решение како би можела да остане на власт, затоа што има најголем доверба кај гласачите, но е осамена на политичката сцена. Ова утро министерот за транспорт Росен Желјасков изјави дека се разговара за влада со друг премиер, но не ја исклучи можноста и Бојко Борисов да биде кандидат за премиер.

Друг портпарол на партијата, поранешниот и иден пратеник Тома Биков, за БНТ изјави дека има пет опции за премиер и дека станува збор за луѓе кои биле активни јавноста. Очигледно сѐ зависи од преговорите со другите партии. А до нив официјално ќе дојде откако ќе се свика парламентот. Но важна е и уставната процедура: претседателот Румен Радев мора да му го даде мандатот за премиер на лице а не на партијата.

Неколку имиња се споменуваат во бугарската јавност како можни кандидати за премиер на ГЕРБ. Едното е она на Томислав Дончев, поранешен министер и сега европратеник, потоа министерката за социјални работи Деница Сачева и министерката за надворешни работи Екатерина Захариева. За време на протестите минатото лето, за време на најжестокиот притисок врз Бојко Борисов да се повлече поради корупцијата, беа објавени информации за ова место се споменувале и поранешниот претседател Росен Плевнелиев, градоначалникот на Враца, Калин Каменов, но и младиот европратеник Андреј Новаков (32). Потоа имаше информација дека наследникот на Борисов можеби треба да се бара и во Николај Младенов, поранешен министер за одбрана и за надворешни работи во првите години на владеењето на Борисов. Младенов веројатно е напознатото лице од сегашнава бугарска политика во светски рамки затоа што беше специјален претставник на генералниот секретар на ОН за Ирак, а потоа и специјален координатор на ОН за блискоисточниот мировен процес. Гласините околу неговата кандидатура се разгореа минатата година кога тој ја одби понудата да биде назначен за специјален претставник на ОН за Либија. Младенов се залага за донесување на нов устав и за рестартирање на политичкиот систем.

Тоа се варијантите за кои се размислува во ГЕРБ, а што мислат другите партии уште не е доволно јасно. Оној што би требало на некој начин да ја разбистри матната ситуација, Слави Трифонов, водачот на втората најсилна партија, и натаму молчи. (Н.В.)