Акционерите на Комерцијална банка ќе добијат дивиденда од 910 денари бруто по акција


Акционерите на Комерцијална банка можат да бидат задоволни – според предлогот кој официјално е ставен на дневен ред на претстојното акционерско собрание на 27 март годинава, дивидендата ќе изнесува 910 денари бруто по акција. За оваа цел вкупно се наменети да се распределат вкупно 2.073.950.970 денари.

Одлуката за распределбата на нераспределената добивка до 31.12.2023 година, ја донесе Надзорниот одбор на Банката и таа е објавена на Македонска берза како една од точките на дневен ред на петстојното собрание на акционери.

Се предлага дивидендата за 2023 година да им биде исплатена на акционерите на Банката кои се регистрирани во акционерската книга на Банката на 11.04.2024 година, стои во предлог одлуката .

Последен ден на тргување со акциите со право на дивиденда за 2023 година, согласно предложената одлука, е 08.04.2024 година, чие порамнување и регистрирање во акционерската книга според правилата на Македонската берза ќе се случи два работни дена од денот на извршеното тргување, односно на датумот на стекнување право на дивиденда за 2023 година, 11.04.2024 година. Тоа значи дека прв ден на тргување со акциите без право на дивиденда за 2023 година ќе биде 09.04.2024 година, чие порамнување ќе се случи по датумот на стекнување право на дивиденда за 2023 година.

Исплатата на дивидендата за 2023 година се предлага да започне од 25.04.2024 година.
На дневен ред на собранието на акционери е и одлуката за распределба на нераспределената добивка до 31.12.2023 година. Во 2023 година банката има нераспределена добивка од вкупно 3.581.433.353 денари.

Според предлог одлуката, оваа нераспределена добивка се распределува на дивиденда за обични акции во износ од 2.073.950.970 денари, потоа за резерви се издвојуваат 1.377.482.383 денари, а како задржана добивка за инвестициски вложувања – реинвестирана добивка која Банката ќе ја користи во 2024 година се распределуваат 130.000.000 денари.

Денеска на Македонската берза беше објавена и информацијата дека сопственикот на Друштвото за угостителство и трговија ЗСФ-КОМ ДООЕЛ увоз-извоз Скопје и член на Надзорниот одбор на Комерцијална банка, Фатмир Етеми го зголеми својот удел во банката со купување на 500 обични акции.

„Комерцијална банка АД Скопје известува дека Фатмир Етеми, Член на Надзорниот одбор на Банката, се стекна со 500 обични акции издадени од Комерцијална банка АД Скопје”, се вели во соопштението објавено на Македонска берза.