Ајде сите да се тестираме
ЕРОЛ РИЗАОВ
„Сите се нормални додека не ги запознаеш“. Го видов овој наслов рано наутро на една книга на тезга пред државната болница брзајќи да не го испуштам „мојот термин“ по шест месеци здрав живот и беспрекорна дисциплина. Кога завршив доцна попладне со прегледите и алерготестот, тезгата со книги веќе ја немаше. А, баш ме копкаше да видам што пишува таму, оти веќе имав уреден наод дека сум нормален и дека се е во ред со мене, освен што сум качил уште некое кило згора. И што ми е, го прашувам професорот? Врти со главата и вели – ништо не ти е. Па, од што се исипувам како да имам овчи сипаници, а и глувеам, сè послабо слушам. Се смее, рече, алергичен си на глупости, а откако те знам си непослушен. Ќе треба да направиме уште испитувања и тестови….
За почеток, престани да читаш весници и да гледаш телевизија, исклучи го интернетот на мобилниот, престани да пишуваш текстови, фрли ги ушните апаратчиња и оди по риба, престани да јадеш повеќе отколку што трошиш. Јадењето е голема зависност, бетер од дрога. Сакав да му кажам дека не е нормален, ама се воздржав. Дупло повеќе јаде и пие од мене, пуши како тој да е Турчин, а не јас, прави и други работи кои немаат врска со здрав живот, ама ете, не е алергичен на ништо. А, и уво не го боли за ништо. Тоа што не сака да го чуе не го слуша, тоа што не сака да го види не го гледа, а за тоа што ќе го чуе и види ич пет пари не дава. Кај мене е обратно. Тоа што најмалку сакам да го слушнам го слушам и без апарати, а тоа што не сакам да го видам го гледам без очила.
Докторе, велиш и други истраги и тестови да правиме. Да, рече, задолжително, постојат стотици причини за алергии. Ќе испратиме од твојата крв во Германија, во референтна лабораторија да истражиме што е тоа што те вознемирува и јадосува до толку, да не можеш да поднесеш и се нафрлаш. Се работи за некоја зависност, нешто те иритира. Збогум докторе, му велам, не се гледаме повеќе во клиника. Штом некој треба да се чувствува подобро со лекарска потврда дека е здрав и не му е ништо, тоа е исто како да докажува со лекарско уверение дали е нормален. Во што е разликата ако треба со лекарска потврда да докажувате дека сè е во ред со вас, а тоа не се гледа од приложеното, поточно од вас. Мислам дека е сеедно дали сте нормален, или ненормален ако тоа се докажува само со пишан документ, па нека е и од цел конзилиум. Професоре, мене ме избезумува лудоста и будалаштините, простотилакот и незнаењето на нормалните со уредно уверение. Со тие што навреме полуделе се е в ред. Тие се безопасни, нив животот им поминува во радост и веселба.
Веднаш преку интернет стаса масовниот демант на моите грешни мисли. Се бара тестирање на сите политичари, судии, полицајци, новинари, деловни луѓе, спортисти, актери, од сите јавни личности… Ќе се испитува дали се зависници од дрога, алкохол, пушење, јадење, пиење, лажење, крадење, секс и други настраности. Ќе се тестира прецизно нормалноста и каква им е природата. Ако некој прекумерно пие и јаде и има над 20 отсто повеќе од нормалната тежина, тој е тежок зависник исто како да шмрка не половина, туку цел грам кока дневно, и пуши пет џоинта, дури и полошо од тоа. Ако краде секој ден на годишно ниво над сто илјади до милион евра, тоа е опасен арамија, поголем од клептоман милион пати бидејќи тоа е само дијагноза на болен човек кој краде ситници, што е многу побезболно од криминалец со бела кошула и вратоврска на висока функција. Од тестот се ослободени само тие што украле над 100 милиони евра, сосема легално и законски. Тие политичари што ќе бидат приклучени на детектор што открива лажење ќе бидат казнети ако кажат само еден збор вистина. Пушењето нема да се испитува, оти пуши цела нација. Во сексот сѐ е нормално само кај тие што им е добра природата.
Ах Павле, Павле дум Павле, што направи човече. Со половина грам, не знам од што и за кого, сите ќе нè однесеш во потрага по лекарски уверенија. На што ќе личи тоа, одите во амбуланта и барате да ве испитаат дали сте зависник од нешто, на пример, не можете без интернет, секои две минути зјапате во мобилниот и кога сте на погреб, или на седница на Владата, или во театар, сеедно. Или, кога како политичар, новинар, аналитичар, универзитетски професор, бизнисмен, доктор, си лажете нашироко и надолго, спокојно на телевизија, без око да ви трепне. Си кажувате стручно и сугестивно како крунски сведок кој е глупав, кој е будала, кој краде, кој е обратен, кој шмрка, кој пуши и пие, кој појадува, руча и вечера по неколку пати дневно, кој е предавник, кој е атентатор, кој шпион и кодош, кој го продал името на државата, јазикот, државјанството, достоинството и гордоста, кој ја украде победата на Тамара на Евровизија… Боже пази, уште колку зависности има кои не дозволуваат да бидете ни чувар во зоолошката градина, а не на јавни функции. Ах, Павле, Павле, мора да направиме лекарските уверенија и тестирања да бидат како за возачки испит, плати на каса и оди врши си работа оти, ако има детални прегледи и тестов, и ќе испадне работата дека во земјичката ни, нема здрав човек.
Вакви будалаштини и масовни хистерии се можни само каде што владее примитивизмот и провинционализмот, во авторитарни и пострежимски земји каде што моралната, политичката и кривичната одговорност се изместени и измешани дотаму што гонењето вештерки е најважната работа и триумфален успех на дежурните легалисти и возљубеници во правната држава, а слободата на криминалците и злосторнички здруженија кои ја ограбија државата се смета за грев еднаков како погрешно паркирање.