Ајде да се спасиме, па да се мразиме


Што е тоа што мора во ваква ситуација на бесмислена кампања за предвремени парламентарни избори да направат политичарите кои не престануваат да се колнат дека работат за доброто на народот

ЕРОЛ РИЗАОВ

Денес би требало да дознаеме, колку и да ги кријат нозете, на кого во земјата му е поважна борбата за власт, отколку здравјето на луѓето и на државата. Светот објави пандемија и повика на војна за опстанок на човештвото. Планетата е во судир со корона вирусот, но уште повеќе со популизмот, заостанатоста, лажните вести и манипулации, валкани битки за политичка превласт. Но, како и во секоја војна и во оваа прва, загина вистината, првите податоци за опасниот вирус  се криеја и во Кина додека не букна со прогресивна брзина и не удрија камбаните за тревога на Светската здравствена организација.

Македонија, исто така, е во војна и живее во страв, но засега добро се носи со одбраната. Девет инфицирани од Ковид-19, ни еден смртен случај, преземени мерки по протоколот на светското и домашно јавно здравство е добра вест, но не значи ништо и не е утешително  бидејќи ситуацијата може драматично да се влоши само за неколку дена. Италија е трагичен пример за тоа.

Ова е време кога не треба да се слушаат политичарите, особено кога зборуваат за опасностите од пандемијата и кога ги препознавате нивните политички адреси на обраќање. Слушајте ги и верувајте им само на стручните луѓе од јавното здравство, епидемиолозите и домашните и светски авторитети од оваа област. Верувајте и применувајте ги препораките на надлежните институции и личности. Министерот за здравство, Венко Филипче, ја надмина својата политичка припадност и засега остава впечаток дека стручно и човечки со нужната одмереност, без паничење владее со ситуацијата. Импонира неговата сериозност, смиреност, сугестивност  и владеење со стручната проблематика.

Што е тоа што мора во ваква ситуација на бесмислена кампања за предвремени парламентарни избори да направат политичарите кои не престануваат да се колнат дека работат за доброто на народот. Прво до крајот на денот, иако веќе доцнат, треба јасно и гласно да го извадат од уста зборот избори и да кажат избори нем, а имаме илјада пати поважна работа. Да донесат едногласна одлука дека ќе нема јавни собири, нема митинзи, нема ништо позначајно од борбата против болеста, не смее да има популизам со здравјето на луѓето. Ако тоа не го направат партиските лидери, претседателот на државата Стево Пендаровски под итно во рамките на своите уставни овластувања треба да го свика Советот за безбедност и да прогласи вонредна „воена“ состојба за спасување на здравјето на граѓаните. Тоа претседателот Пендаровски треба да го направи истиот ден ако партиските лидери и владата не најдат заедничко решение кое од нив го очекува целата јавност.

Ајде да се спасиме, па ќе продолжиме да се мразиме откако ќе мине чумата на 21 век. Никој нема ништо да изгуби ако изборите и јавните собири се одложат две-три недели или два-три месеци. Ако ова не го разберат политичарите и нивните клиенти овојпат има шанси да ја почувствуваат казната за нивната лажна љубов кон својот народ. Одамна имам кажано штом слушнете македонски политичар од која било партија  да го употребува зборот народ знајте дека лаже. Кој ќе им гласа во пандемија и во страв од зараза, а уште помалку ако се открие нивниот егоизам и лажен патриотизам. Наместо тоа, нека седнат заедно со деловните луѓе и нивните асоцијации и нека ги пресметаат штетите од пандемијата и нека одредат начини као да се ублажат тие загуби.

Да не ги заборавиме медиумите и социјалните мрежи. Во време на пандемија лажните вести и сеење паника, или рамнодушност, со измислени случаи е рамно на воено подбуцнување еднакво на учество во воени злосторства. Законот прецизно ги санкционира воените профитерства  како од страна на медиумите и политичарите, така и од трговците и од  компаниите кои ја користат ситуацијата да ги зголемуваат цените неколкукратно надвор од економските закономерности. Македонија полага уште еден испит на зрелост. Медиумите тука можат многу да помогнат со објективно известување и силен притисок врз политичарите да ги замрзнат битките за власт.