Ај бег ју донт стил ани мор


ЗВОНКО ДАВИДОВИЌ

Ангела имаа деведесет различни сакоа, за секоја пригода. Заев отишол со мотор на ѓомлезе. Донт спик инглиш ени мор, ај бег ју, му порача Ганка на Заев. Домаќинката среќна и задоволна кога ја прави запршката за омиленото јадење. Ова се само дел од насловите кои утринава ги читам по порталите. Би било смешно да не се случува во нашата земја и тоа во миговите кога таа се соочува со горливи проблеми од севкупниот политички и општествен живот.

Од мигот на осамостојувањето, па до денешен ден, новинарството претрпе многу падови и се соочи со многу политички и бизнис-моќници на кои тешко или речиси никако не успеа да им одолее. Затворањето на телевизијата А1 и неколку квалитетни весници и огромната понуда на квалитетни новинари на пазарот ја урнисаа и онака ниската цена на нивниот труд и ги доведе во позиција во која денес се наоѓаат. Можноста секој да отвори портал и на него да работат луѓе што не се квалификувани придонесе состојбата во новинарството уште повеќе да се влоши. Механичкото преземање на вестите од еден портал на друг, преземањето на фејсбук или инстаграм-статусите во недостиг на истражувачко новинарство го создаде таканареченото препишувачко новинарство. Недостигот на демократските принципи и политичката моќ на партиите комбинирана со подлизурковството на дел од сопствениците на медиумите го создаде и навивачкото новинарство. Кичот и изместувањето на моралните вредности со нефункционирање на правниот систем овозможи создавање и пласирање на лажни и невистинити вести и информации поради што нашата земја се наоѓа високорангирана на листите на земјите кои се подложни на лажни вести.

Денес , за жал, сè помалку луѓе веруваат во информациите што се пласираат во медиумите и сè помалку ги консумираат. Некогашниот пишан збор и шушкањето на весникот со утринското кафе го замени титкањето и типкањето на мобилните телефони. Непроверени, измислени, небитни и некомплетни вести го преплавуваат човекот секое утро и го следат на секој чекор бомбардирајќи го со сета своја жестина и лага одвратувајќи му го вниманието од битното и заглупувајќи го со својата празнотија. Многу ретко денес може да се прочита истражувачка статија или да се погледне емисија која нуди проверени информации без сугестии на новинарот оставајќи го читателот сам да го донесе својот заклучок. Со брзиот развој на техниката и технологијата времето на добивање на информациите го скрати на нула време без можност да се провери информацијата или изворот. Таканаречените редакции од двајца луѓе, што е најчест случај особено по порталите, не дава никаква можност за проверка на информациите, а нивното несоодветно образование овозможува тие да се занимаваат само со препишувачко новинарство.

Секоја чест на неколкуте новинари кои држат до својот углед и реноме и даваат малку надеж и светлина во ова црнило на квази новинарството. Но не беше секогаш ваква состојбата во новинарството, ќе се присетат малку постарите генерации. Со задоволство сме ги читале весниците во кои имаше мали ремек-дела на пишаниот збор и сме се воодушевувале на интелектот и мудроста на авторот. Се внимаваше во еден весник да има за секого по нешто од најмладиот до најстариот читател, па весникот содржеше сериозни политички проценки и коментари, настани од секојдневниот живот со јасна морална порака, катче за најмладите, карикатури и различни вести од спортот и културата. Не можеме да не се сетиме на „Остен“, „Млад борец“, „Колибри“, „Утрински весник“, „Шпиц“, „Вест“, но и „Политикин забавник“, „Нин“, „Илустрована политика“ и многу други весници кои беа достапни на читателите. Денешниот избор на одвај четири весници ни од далеку не ја задоволува ни унапредува новинарската професија, а ни читателската публика. Не е за чудење што бројот на читателите во нашата земја изнесува едвај 7.000 активни читатели и што дури и издавачките куќи мака мачат со продажбата на книгите.

Некогашниот Пецко или досетките на Момо Капор ги заменија полуписмените текстови за големината и доблеста на некој селјаконачалник кој во својот мандат не направил ништо освен што го нарачал текстот. Сериозните политички коментари или истражувачките текстови за определени општествени аномалии или проблеми ги заменија паушалните и смешни навивачки текстови за сакоата на Ангела, вратоврската на Заев, кошулата на Мицкоски. Доблестите на поединците и нивните достигнувања со кои целото општество се гордееше ги заменија изопаченоста и моралниот амбис на поединците кои се прикажуваат како успешни бизнисмени. Утринската насмевка на читателот ја замени загриженоста од крвта и насилството кои се први информации кои го дочекуваат со утринското кафе.

Политичките или бизнис-центри на моќ го киднапираа новинарството, изјави не така одамна еден новинар тврдејќи дека политичарите и бизнисмените го злоупотребуваат новинарството за свои потреби. Политичките елити се најголеми добитници затоа што манипулацијата, спиновите, градење на некаква политичка клима, амбиент се во корист на оние што се борат за власт, а сите останати се лузери, констатира новинарот.

Во ваква една општествена клима и амбиент во кој битангите, неспособните, некомпетентните, подлизурковците и моралниот отпад ги користат медиумите за спинување, манипулација и прикривање на своите криминали и недела, потпомогнати со препишувачите на информации кои тешко некаде да се наречат новинари, речиси е невозможно за нормален читател да ја разликува вистината од лагата.

Наместо да се истражува и обелодени криминалниот процес на приватизација на некогашниот општествен капитал од кој се офајдија неколку поединци кои денес ги нарекуваме бизнисмени, диктаторското владеење и огромниот грабеж на државниот капитал во времето на режимот на Груевски, грабежот и криминалот за изградбата на „Скопје 2014“, за неспособноста и некадарноста на добар дел од градоначалниците и сегашни и бивши, за проблемите во здравството и образованието, за социјалните проблеми и меѓуетничките поделби, новинарите ќе се занимаваат со сакоата на Ангела, гаќите на којзнае која, панталоните на едикој си.

Сè додека е ваква состојбата во новинарството, секој ќе може да пишува глупости, да спинува и измислува, секој ќе може да нарача текст, секој ќе може да создаде лажна политичка клима како пробен балон, што би рекол некој, за да го испита или насочи јавното мислење, секој ќе може да манипулира и креира лажни вести.

Сè додека е ваква состојбата во општеството и новинарството, многу побитно ќе биде да се каже донт спик инглиш ај бег ју, наместо донт стил ани мор ај бег ју.