Ахмети застана зад Рама околу скандалот со трговијата со органи на ОВК

Лидерот на ДУИ Али Ахмети целосно го поддржува албанскиот премиер Еди Рама со неговата иницијатива за измена на „неправедната и неточна” Резолуција 1782 од 2011 година за трговија со човечки органи во Косово.
„Скандалозната резолуција е донесена како резултат на руско-српската пропаганда со лажни вести, кои никогаш не беа проверени и сериозно ја нарушија нашата национална жртва за слобода, независност, демократија и еднаквост. Ги повикувам сите мои колеги, активисти, патриоти, интелектуалци, политичари, новинари, граѓанки и граѓани да се приклучат на повиците за промена на Резолуцијата и за офрлање на неправдата кон албанската нација. ОВК е ослободителна сила која ја имаше поддршката од западниот свет, исто како и денес слободољубивиот народ на Украина. Слободата има име – ОВК”, изјави Али Ахмети.
Премиерот на Албанија Еди Рама вчера во Стразбур изјавил дека не е дојден за да го суди Специјалниот суд за воени злосторници на Косово, создаден по извештајот на Парламентарното собрание на Советот на Европа, туку да ги осуди дезинформациите кои довеле, како што нагласи, до обвиненијата дека постои трговија со човечки органи.
„Тоа беше многу убаво фабрикувана лага во Кремљ и многу добро спакувана и пласирана во храмот на човековите права(ПССЕ). Како резултат на лагите Хашим Тачи лежи во затвор”, рече Рама и оцени дека некогашниот српски лидер Слободан Милошевиќ се однесувал како што денес се однесува Владимир Путин.
Албанскиот парламент летово едногласно донесе резолуција со која ги отфрла обвиненијата за трговија со човечки органи за време на војната во Косово, запишани во извештајот на Советот на Европа. Извештајот беше напишан во 200 година од страна на тогашниот швајцарски сенатор Дик Марти, а го одобри Парламентарното собрание на Советот на Европа. Во него се тврди дека лицерите на ОВК (УЧК) биле вмешани во трговјата со органи во текот на 1998-99 година.
Во Специјалниот суд во Хаг во тек е процес против неколкумина поранешни лицери на ОВК, меѓу кои се Хашим Тачи, Кадри Весељи, Реџеп Сељими и Јакуп Красниќи кои се во притвор во Хаг од ноември 2020 година. Обвиненијата ги товарат за воени злосторства и злосторства против човештвото, но не и трговија со органи.