Ахмети: Заев ја ризикува политичката кариера, но директно ги кажа нештата


Фото: Б. Грданоски

Претседателот на Демокрaтската унија за интеграција Али Ахмети коментирајќи ја изјавата на премиерот Зоран Заев за бугарскиот медиум БГНЕС истакна дека кај него има добра волја за да се реши бугарското прашање, што е многу важно за иднината на нашата земја за отворањето на преговорите за интеграција во Европската унија. Тој смета дека премиерот Заев лично се жртвувал ризикувајќи ја политичката кариера со искажувањето толку директно на нештата со едиствена причина, како што рече, што подобро да биде за нашата земја, нашата држава и граѓаните на Северна Македонија.

– Во оваа ситуација, ние секако ќе се солидаризираме со нашите македонски сограѓани и никогаш не сме спореле за ништо, било за јазикот или историјата, затоа што нашите судбини биле исти, окупаторите ни беа исти и жртвувањата ни биле заеднички, заеднички да бидеме слободни во овие простори. Ние сакаме решение што е можно побрзо, да не бидеме под влијание на емоциите, да не влегуваме во фолклоризмот, но да бидеме рационални и разумни за да го решиме ова прашање што е можно побрзо. Се надевам дека бугарската страна, која беше придонесувач и потврдувач на нашите универзални вредности за членството на нашата земја во НАТО и почетокот на преговорите за ЕУ исто така ќе покаже висока рационалност за надминување на овие постојни разлики и што е можно побрзо да се започне или да се одржи заеднички меѓувладин состанок за почеток на преговори за членство во ЕУ. Се надевам во европските вредности што ги има Бугарија и овие тешкотии ќе бидат надминати во наредните денови, рече Ахмети на свечената академија по повод Денот на албанското знаме.