Ахмети не гледа логика во правењето влада со опозицијата
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, ја искоментира изјавата на премиерот Зоран Заев околу евентуалното вклучување на ВМРО-ДПМНЕ во една поширока владина коалиција, велејќи дека за тоа не се разговарало, како и дека нема простор за такво нешто.
„Мислам дека овие настани произлегуваат од дневна политика, нема нешто за истакнување, нема некои дијалози или слично за создавање некое партнерство за коалиција. Опозицијата, како и секогаш, има цел да ги кажe нивните забелешки, бидејќи улогата на опозиција секаде е иста, да ја унапредат демократијата, и да бидат дел од еден важен процес, и нивна задача е да изразуваат несогласување со парламентарното мнозинството“, изјави Ахмети.
За изјавата на Заев, од ВМРО-ДПМНЕ искоментираа дека византиските игри нема да го спасат од сигурен пораз.
Опозициската коалиција Алијанса – Алтернатива е подготвена да влезе во широка Влада, но со свои услови.
„Ако тоа Заев навистина го мисли, Алијанса за Албанците би била подготвена да го разгледа тоа, ако претходно таа проширена влада се обврзе на уставни измени и да го тргне условот 20 отсто за јазиците. Новата Влада да се обрати до ЕУ за таск форс судии и обвинители за да се отворат монтираните политички процеси и еднаш засекогаш да се реши проблемот на граѓаните кои немаат државјанство тука во Северна Македонија“, рече Зијадин Села, АА-ААА.