Ахмети навива за Стево, само не му го скандира името


Зборувајќи за правичната застапеност на жените во раководните органи на партијата и во државните институции, како и за последиците што би настанале доколку претседателот Ѓорге Иванов потпише аболиција за осудените за 27 април, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на изборното собрание на партискиот форум на жени уште еднаш заборави да го спомне името на заедничкиот кандидат за шеф на државата – Стево Пендаровски. Во секојдневното практикување на кампањата, оваа негова навика почна сè повеќе да им паѓа во очи на критичарите, кои бараат задни намери кај важниот коалициски партнер во Владата. Во Мала Речица и на „Илинденска“ смируваат и објаснуваат оти заеднички работат на остварување на целта – победа на изборите на консензуалниот кандидат Стево Пендаровски.
Митинзите на ДУИ минуваат во вообичаена кореографија и со реторика што е посоодветна за парламентарни избори отколку за претседателски. Во тоа, улога, секако, има тоа што партијата одлучи да не настапи со свој кандидат, туку да го поддржи оној на СДСМ, иако во јавноста се обидува да го претстави како заеднички договор.
„Изборниот мониторинг што го спроведуваме покажува дека ДУИ води политичка кампања без да го спомене името и без да обезбеди присуство на кандидатот за претседател, Стево Пендаровски. Насекаде на нивните пропагандни материјали стои само изразот ‘консензуален претседател’“, напоменуваат од невладината „Цивил“.
Оттаму дополнуваат дека уште полоша е ситуацијата кај другите албански партии што се дел од власта (ДПА и Алтернатива на Африм Гаши), кои во своите активности немаат ниту еден елемент од претседателската кампања или од кандидатот што го поддржуваат.
„Во нивните средби со граѓаните, иако се зборува за претседателските избори и се правда поддршката на Стево Пендаровски, од него нема ни име, ни збор, а го нема ниту редниот број кој треба да се заокружи во гласачкото ливче. Од друга страна, на последните митинзи, ДУИ, ДПА и Алтернатива почнаа да ја пренасочуваат дури и предизборната реторика. Сè повеќе, партиските челници овие митинзи почнаа да ги користат за размена на обвинувања и сè повеќе се зборува за тоа кој и што направил за Албанците“, заклучуваат од „Цивил“.
Премиерот Зоран Заев, пак, вели дека поддршката што ја добива Пендаровски од ДУИ и од другите партии што ги претставуваат етничките заедници во земјава е недвојбена.
„Вицепремиерот Бујар Османи зборуваше на централниот митинг во Скопје и со полна уста го фалеше Стево Пендаровски како лепило на етничките заедници. И Али Ахмети го има спомнато, но можеби недоволно. Не знам зошто јавноста има таква перцепција“, се прашува претседателот на Владата.
И во ДУИ тврдат дека не се точни анализите на невладините организации, како и пишувањата на медиумите оти на нивните собири нема место за Пендаровски.
„Не е така, нашата поддршка е јавно изразена и не е доведена во прашање“, тврдат во партијата.
Аналитичарот Арменд Нухиу препознава лицемерие во редовите на ДУИ, која тврди дека стои цврсто зад кандидатурата со СДСМ за Стево Пендаровски, а никаде не го демонстрира тоа во кампања.
„Нечесно е и лицемерно да не застанете зад кандидат што сте го одбрале со владиниот партнер, да не застанете на митинзи до него, да не му го споменувате името, да не лепите негови плакати, да нема државно знаме и други некои обележја. Требаше и лидерот Ахмети да биде на секој митинг со премиерот. Не ми се допаѓа начинот на кој ДУИ ја тера кампањата. Со тоа ќе изгуби гласачи, оти луѓето разбираат, сакаат и визуелно да видат дека лидерот на ДУИ е заедно со лидерот на СДСМ на митинг“, нагласува Нухиу.
Членови и симпатизери на ДУИ не се реткост на митинзите што ги организира СДСМ за поддршка на Пендаровски. За првпат на митинзите се појавуваат министри на ДУИ (Бујар, Сухељ Фазлиу и Арбр Адеми) и за првпат говори се држат и на албански јазик. На ваквите собири се забележливи и албански знамиња и транспаренти. Останува да се смени нешто и во митинзите што ги организира ДУИ. Од партијата тврдат дека водат двојна кампања, и за локални и за претседателски избори.

Горан Адамовски