Ахмети: Мицкоски видел војна само на телевизија


Мицкоски гледал војна само на телевизија, му возврати синоќа лидерот на ДУИ, Али Ахмети, откако претходно првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ  побара да каже колку стотици милиони евра се збогатила неговата фамилија по војната во 2001 година. Мицкоски тврдеше дека како доброволец во 2001 година  не видел дека Али Ахмети е победник во таа војна, на што Ахмети возврати дека Мицкоски воопшто не бил во војна.

„Јас не се занимавам со Христијан Мицкоски кој ми зборува за војна. Тој не бил во војна, тоа го гледал само на телевизија, а јас сум молчев затоа што тишината е лек. Дваесет години градевме стратегии за да работиме и да ги реализираме нашите цели и сме ценети од нашите гласачи. Само со повеќе работа можеме да бидеме силни, не само 20 години туку и повеќе. Поминаа 20 години, затоа што ги планиравме работите во секоја фаза, како ќе одат. Постапувавме во тешки времиња, во многу деликатни околности, иако на доброто му нема крај, има уште многу работа“, рече Ахмети.

Претседателот на ДУИ синоќа во Тетово порача и дека уставните измени мора да се направат, а повика и на ветинг на политичарите.

„Уставните измени мора да се направат бидејќи тоа е задолжителен респектабилен договор. Ова ќе се случи за два-три месеци, но мора да се случи, бидејќи е во интерес на граѓаните на оваа држава. Тоа е заедничка мисија на сите нас бидејќи доброто што ќе дојде нема да дојде само за Албанците, туку за сите граѓани. Мора да направиме ветинг, почнувајќи од политичарите, извршната власт, градоначалниците бидејќи тоа е за доброто на државата. Оваа проверка треба да ја направат странски специјалисти, бидејќи кредибилитетот може да се оспори. Потребно ни е проверено судство и политичар за да се има доверба во развојот на процесот“, рече Ахмети.

„Басните за 2001-ва може Али да ги раскажува на Димитар Ковачевски“, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

-Првиов се храбри од своите удoбни хациенди од Зајас, додека албанскиот народ, исто како македонскиот, гладува. Вториот како дезертер од 2001-ва сѐ ќе му поверува и мора да спроведе, за да прави криминал и тој самиот. Другпат добро нека гледаат и читаат што кажувам, а не да вадат од контекст, реагираше Мицкоски на Фејсбук.