Ахмети до Џафери: Работите не одат добро со пописот


Нова „бомба“ од серијалот на нови материјали со кои се пука врз функционери на ДУИ осамна на „Јутјуб“. Од профил со фотографија на премиерот Зоран Заев е објавен разговор наводно меѓу лидерот Али Ахмети и ексвицепремиерот Муса Џафери кои разговараат за пописот кој во 2011 година беше прекинат под сѐ уште неразјаснети околности. Ахмети во разговорот му вели на Џафери дека „работите не одат добро, граѓаните се револтирани, ќе нѐ боцкаат фотелјите…“
Специјалното јавно обвинителство (СЈО) отвори истрага за пропаднатиот попис. За случајот се осомничени Никола Груевски како тогашен лидер на ВМРО-ДПМНЕ и Али Ахмети како лидер на ДУИ. Според она што го презентираше специјалната јавна обвинителка Фатиме Фетаи, Груевски и Ахмети го оштетитле буџетот за 2,8 милиони евра.
„Иако биле свесни дека ќе настапат штетни последици, лицата пристапиле кон спроведување на пописот. Кога виделе дека немаат капацитет да ги сокријат демографските факти за земјата, тие, со цел да избегнат одговорност, се договориле да претстават дека причините за стопирање на пописот се од техничка природа“, рече Фетаи.
Според неа, причините кои ги презентирале Груевски и Ахмети биле технички причини поради кои пописот би можел да биде одложен, а не прекинат, а парите немало да бидат залудно потрошени.
„Но, причината за стопирање на пописот не била таа, туку тие сфатиле дека со легитимна пописна операција ним ќе им биде нанесена штета како на лидери на партии“, изјави Фетаи.
Нови „бомби“ осамнаа и на „Фејсбук“ профилот на таканаречениот „Ел Чека“, во кои повторно таргет се функционери на ДУИ. Во новите снимки објавувачот ги посочува Али Ахмети, Муса Џафери, Блерим Беџети, а во една од објавите се споменува и поранешната министерка Гордана Јанкуловска која наводно признава дека случајот „Сопот“ е политички монтиран процес. Освен бомбите,„ Ел Чека“ во видео снимка се обраќа и на јавноста и се заканува дека нема да престане со објавување на разговори се дури не започне меѓународна истрага за Диво Насеље.
„Материјалите ми се од Сами Укшини (командант Соколи), Ваљон Зека и Шек Халачи кои се во затворите на Македонија. Во случај мене ми се случи нешто, одговорноста ќе биде нивна. Чекавме четири години за да има правда. Поседуваме многу видеа и нема да престанеме сѐ дури нема истрага од меѓународната заедница“, вели Ел Чека.
Тој вели дека поседува повеќе од шест илјади прислушувани разговори, кои ќе ги предаде на ЦИА и американската амбасада во Скопје. „Или ќе бидат затворени криминалците или Заев ќе падне“, пишува Ш.А. алијас „Ел Чека“, кој, всушност, е дваесет и осумгодишен кичевчанец, родум од Туин, село под падините на планината Добра Вода. МВР, Јавното обвинителство и Специјалното обнвинителство рекоа дека случајот се истражува.
Во ДУИ засега молк. Според медиумите донесена е одлука за ова прашање право за изјаснување пред јавноста да имаат портпаролот Бујар Османи и пратеникот Артан Груби. И двајцата беа недостапни поради посети надвор од земјата. (Н.К.)