Агелер: Зајакнување на правосудството е главен приоритет за САД

По посетата на Истражниот центар при Основното јавно обвинителство Скопје, каде Амбасадата на САД донираше компјутерска и техничка опрема, Агелер порача дека ова е добар систем и изрази уверување дека интероперабилноста ќе ја подобри ефикасноста.
– Тука сум од ноември и корупцијата во земјава е присутна подолго време. Тоа не е проблем што може да се реши за неколку месеци и постојат веќе системи, кои бараат проверка. Затоа е добра денешната посета, за да видам како се водат истрагите, порача Агелер.
Сакаме да бидеме партнери со оваа земја, нагласи Агелер, така што ќе покажеме дека овој систем е тука за вашите граѓани.
– За тоа е потребно време. Не е нешто што еден компјутерски систем ќе го реши, но е приоритет и ако имам една цел како амбасадор во земјава, тоа е да се осигурам дека ќе направам се што можам, заедно со мојот тим, за зајакнување на вербата на граѓаните на Северна Македонија во правосудството, порача Агелер.
Претседателот на Основното јавно обвинителство – Скопје, Гаврил Бубевски, изрази благодарноста за донацијата, која помага во секојдневната работа, а со крајна цел да овозможиме верба на граѓаните во институциите во системот и добивање на правда.
– Се работи за сериозна донација што ќе ни помогне во секојдневната работа и од технички и од суштински аспект, затоа што многу побрзо можеме да работиме на одредени докази и прибирање доказен материјал, изјави Бубевски. Се надеваме, посочи Бубевски, и на понатамошна соработка со американската амбасада преку обуки и друга помош.
Прашана дали смета дека децата на функционери и политичари може да се борат против корупцијата, со оглед на имињата на листата на Академијата на судии и јавни обвинители, Агелер рече дека нема да ги коментира овие конкретни листи, со оглед дека Амбасадата не е дел од тоа.
-Не можам да коментирам имиња. Не сум запознаена со квалификациите и заслугите на никој од тие лица, но верувам дека е важно, новинарите во име на јавноста, ги постават овие прашањата, изјави Агелер, одговарајќи на новинарски прашања по денешната посета на Истражниот центар при Основното јавно обвинителство Скопје.
Околу очекуваната црна листа Агелер рече дека очекува во наредните месеци да види едно или две имиња на неа и тој процес да продолжи.
– Овие листи се многу динамични. Тоа е постојан процес, бидејќи корупцијата во своите многу форми се случува секој ден. Има луѓе кои се вредни за разгледување, и бидејќи системот во Вашингтон е особено правно внимателен, бара време и бара истражување на наводните криминали, за да се осигуриме дека нема да ставиме некој на листа, на која не припаѓаат. Верувам дека во следните неколку месеци ќе видиме едно или две имиња и тоа ќе биде процес што ќе продолжи, изјави Агелер.