Агелер: Граѓаните да им дадат до знаење на политичарите дека сакаат да бидат дел од ЕУ

Aмбасадорката на Соединетите Американски Држави Анџела Агелер заедно со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска остварија работна посета на граничниот премин „Богородица”.
Одговарајќи на новинарски прашања во врска со процесот на уставни измени во земјава, Агелер кажа дека граѓаните треба да им дадат до знаење на политичките структури оти сакаат да бидат дел од ЕУ, а од друга страна, пак, политичарите од сите партии да работат во насока на интеграција на земјава во Унијата.
„Сметам дека не е мое да зборувам за тоа како тече процесот на уставните измени, јас сум амбасадор на САД. Ние не сме дел од ЕУ, но кога ја гледам границата и големиот број возила кои влегуваат и излегуваат, сметам дека просперитетот и безбедноста на оваа држава се во нејзиното пристапување и интеграција во Европа и навистина се надевам дека политичарите од сите партии во земјава ќе работат кон остварување на тоа“, изјави американската амбасадорка одговарајќи на новинарски прашања по посетата на ГП „Богородица“.
Таа додаде дека граничниот премин меѓу С Македонија и Грција потсетува на тешките одлуки што морала да ги направи земјава. Знам дека не е лесно, рече Агелер и додаде дека ги охрабрува граѓаните да им дадат до знаење на политичарите оти се за интеграција на земјава во ЕУ.