Африм Гаши доби доверба и наредните четири години да биде на чело на Алтернатива


Делегатите на Првиот конгрес на Алтернатива денеска му доверија нов четиригодишен мандат на досегашниот претседател на партијата, Африм Гаши.

Од партијата соопштија дека за изборот на Гаши гласале големо мнозинство од присутните делегати на Конгресот. Претседателот Гаши по гласањето се заблагодари за честа и довербата која што му ја дадоа делегатите на Конгресот и членството на партијата.

„На демократски начин Конгресот одлучи да ми довери нов четиригодишен мандат. Тоа е огромна чест и одговорност истовремено, им благодарам на сите членови на Алтернатива. Истовремено сакам да биде ова успешен мандат не само за активистите и гласачите на Алтернатива, туку и за сите граѓани. Мислам дека денеска Алтернатива станува еден од најсериозните политички субјекти во државата, со намера да допринесе во севкупните политички процеси во државата, како еден од најконструктивните, најотворените субјекти во државата кои мислат државотворно и сакаат да допринесат за добробитот на сите во државата“, изјави Гаши по завршувањето на Првиот Конгрес на партијата.

На конгресот денеска биле донесени и уште два важни документи за следните четири години – Статутот, како и новата програма на партијата за периодот 2022 – 2026. Делегатите со мнозинство гласови ги избраа и новите членови на Централниот одбор.