Аеродром се збратимува со Стари Град од Сараево
Висока делегација од Општина Стари Град од Сараево, предводена од градоначалникот м-р Ибрахим Хаџибајриќ, вчера ја посети Општина Аеродром со цел збратимување на двете општини.
На средбата со раководството на Аеродром беше изразен интерес за збратимување на двете општини преку искрено меѓусебно почитување, воспоставување различни видови соработка, размена на идеи за реализација на проекти од заеднички интерес во областа на стопанството, културата, образованието, туризмот, спортот, заштита на природното и културното наследство.
Како што беше речено на средбата, од заеднички интерес е да се поттикнува и индивидуалната свест и добрата волја што ќе помогне да се развиваат културните, пријателските и економските врски меѓу двете општини, односно двете држави.
Со оваа средба се отвораат нови можности за развој на европскиот пат, на кој Општина Аеродром веќе сигурно зачекори.
Инаку, Општина Аеродром пред неколку месеци се збратими и со градската Општина Палилула во Ниш со акцент на соработка во областа на локалниот економски развој. Аеродром останува и во иднина посветена на развивање на регионалната соработка со цел да се отворат можности за имплементација на европските и меѓународните стандарди, вредности и проекти.