Аеродром се фали дека по 15 години набавил механизација за зеленило – барем да ја употребат


Општина Аеродром, по цели 15 години, набави нова современа механизација за одржување на урбано зеленило, објави денеска општината, а сега се очекува и да ја употребат.
 
Користењето на оние машини што ги има се случува од ретко поретко. Ако претходно се користеа барем сезонски, во некој период од секое годишно време, сега тоа не се случува. 
 
Инаку, новите машини денеска беа ставени во функција во паркот „Авионче“ по претходна кратка обука на вработените за нивна правилна употреба.
 
Механизацијата на Општина Аеродром од денеска е збогатена со четири нови „рајдер“ косилки, пет моторни робусни тревокосачи, пет професионални тримери за косење, а во наредните денови треба да пристигнат и шест грбни дувалки. Вкупната вредност на овие машини изнесува 3 милиони денари.
 
– Новата механизација е од исклучително значење за Општината, затоа што на територијата на Аеродром има над 200 илјади м2 тревна површина. Комуналните екипи периодов интензивно работат на одржување на тревните површини, чие косење беше отежнато поради неповолните временски услови и обилните врнежи од дожд, како и од нередовното косење на тревата од страна на ЈП „Паркови и зеленило“ на површините што се под надлежност на Град Скопје – велат од општината, но ако прошетате низ Аеродром нема да може да забележите дека некаде поминала некаква машина за косење, за дување и слично, а ако видите дека еден тревник е искосен, тој спроти него не е. Секако, може да се префрли вината на „Паркови и зеленило“, затоа што можеби е под надлежност на Скопје, ама тревниците меѓу зградите, сигурно не се под надлежност на градот, а тревата во нив е повисока од еден метар.
 
Општина Аеродром ќе продолжи да вложува во напредна и современа механизација со која екипите што работат на терен ќе можат поефикасно и навремено да ги извршуваат комуналните активности за почист и поуреден Аеродром, ветуваат од таму.