Аеродром бара Град Скопје да го реши горењето отпад на депонија што ја труе општината секоја вечер


Фото: Независен

По пријавите и реакциите од страна на граѓаните за непријатен миризба од запален отпад кој се шири на територијата на Општина Аеродром, општинските инспекциски служби излегоа на терен при што констатираа дека станува збор за согорување отпад од депонија не се наоѓа на територијата на општината.

Со цел решавање на овој проблем со кој се соочуваат граѓаните, Општина Аеродром веќе упати барање од Градот Скопје за преземање на сите неопходни мерки. Во оваа прилика, упатуваме апел до градската администрација и останатите надлежни институции, во рамки на своите надлежности да преземат се што е потребно за надминување на проблемот.

Здравата животна средина и здравјето на граѓаните е приоритет на Општина Аеродром и во таа насока, а согласно надлежностите на локалната самоуправа ги преземаме сите неопходни мерки за обезбедување на континуитет во одржување на јавната хигиена.

Последните неколку дена преку ден се гледаат огромни столбови црн чад, што се крева од локацијата Вардариште, па се движи кон Аеродром. Во вечерните часови, неретко и по полноќ во воздухот се чувствува мирис на изгорено, на пожар, но и на горена пластика. 

Граѓаните реагираат на социјалните мрежи дека не можат да отворат прозорец, откако цел ден се затворени поради горештините, а навечер не може да се отворат од смрдеа.