АЕК предлага побрз широкопојасен интернет во рамки на универзалната услуга
Брзината за широкопојасен интернет за секој краен корисник, кој е дел од универзалната услуга, да се зголеми од сегашните минимални 12 Mbps на 30 Mbps, предлага Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), која отвори јавна расправа во пресрет на плановите за објава на тендер за избор на нови даватели на универзалната услуга.
Предмет на јавната расправа се нацрт-документите: „Анализа на брзината на пренос на податоци за ефикасен пристап на интернет како дел од услугите опфатени со универзална услуга“ и „Правилник за измена и дополнување на правилникот за обезбедување услуги опфатени со универзална услуга“. За овие нацрт-документи сите заинтересирани субјекти може да достават мислења и забелешки најдоцна до 13 април.
Според АЕК, ваквиот начин за дефинирање на услугата пристап до интернет и обезбедување на услугата широкопојасен интернет во рамките на универзалната услуга ќе доведе до намалување т.н. дигитален јаз помеѓу определени урбани и рурални подрачја во државата.
Агенцијата смета дека предложената брзина би помогнала во процесот на обезбедување овој вид услуга од страна на операторот или операторите што ќе бидат избрани за даватели на универзалната услуга, со што директно ќе се помогне процесот на квалитетно обезбедување на онлајн сервисите во руралните средини и оние средини каде има послаба интернет врска.
Согласно со член 93 од Законот за електронските комуникации, давателот на универзална услуга на поврзаниот корисник на јавна комуникациска мрежа на фиксна локација треба да му обезбеди услуги за говор, факсимил и пренос на податоци со брзина доволна да се обезбеди ефикасен пристап на интернет.
Зголемувањето на пристапната брзина до интернет услугите обезбедени преку широкопојасен пристап на интернет е во главните таргет цели дефинирани во Националниот оперативен бродбенд план. Со нив се предвидува до крајот на 2027 година, сите градови во државата да бидат покриени со непрекинат 5Г сигнал, а до крајот на 2029 година, секој да има можност за пристап до интернет преку 5Г со минимална брзина на пристап до интернет од најмалку 100 Mbps. Исто така, до крајот на 2029 година најмалку 50 проценти од вкупниот број на претплатнички договори на домаќинствата во цела држава, да бидат за пристап до интернет од најмалку 100 Mbps, а сите домаќинства по прифатлива цена да имаат можност за пристап до мрежа која овозможува брзина за download од најмалку 100 Mbps со можност за надградба на гигабитна брзина. Поставена е цел и сите јавни институции (училишта, универзитети, истражувачки центри и други образовни установи здравствени установи, министерства, судови, локални самоуправи и други државни органи и тела), да имаат симетричен пристап до интернет со брзина од најмалку 1Gbps.
Договорите со сегашните оператори за обезбедување на универзалната услуга истекуваат на почетокот на следната година, а се склучуваат во времетраење од пет години.