АЕК ќе го пречека Алкалоид во олимписката сала „Сунел Арена“ во Атина во првиот меч од финалето на ЕХФ Европскиот куп

Во олимписката сала „Сунел Арена“ на 18 мај во Атина ќе се одигра првиот натпревар од ракометното финале на ЕХФ Европскиот куп меѓу АЕК и Алкалоид, а домаќините во текот на викендот одлучија која сала ќе ја користат, јави дописничката на МИА од Атина.
Во грчките спортски медиуми и во оние на АЕК во изминатиот период се споменуваше дека челниците на клубот размислува натпреварот да се одигра во Атина или во Халкида, со оглед на тоа што салата што досега ја користеше атинскиот тим не ги исполнува условите за европско финале.
Извори од АЕК за МИА потврдија дека натпреварот што е закажан за 19 часот по локално време в недела на 18 мај, ќе се одигра во „Сунел Арена“.
Станува збор за спортска сала во западниот дел на Атина, изградена за Олимписките игри во 2004 година, а реновирана пред четири години.
Има капацитет да прими околу 9.000 гледачи, а од 2019 година ја користи КК АЕК за натпреварите во грчката кошаркарска лига, но е приспособена за одржување и на ракометни натпревари.
Спортскиот портал на АЕК „Еноси“, пишува дека било желба и на играчите и на тренерот на АЕК првото финале да се игра во „Сунел Арена“, бидејќи веруваат дека ќе се создаде атмосфера што ќе им помогне не играчите да го добија „потребниот психолошки поттик за да го направи големиот чекор кон освојување на европскиот врв“.
– Луѓето од АЕК ја донесоа оваа одлука бидејќи се убедени дека навивачите на тимот ќе го наполнат стадионот и ќе создадат „пеколна“ атмосфера, туркајќи го тимот кон победа против Алкалоид, што воедно ќе му даде големо водство пред реваншот во Скопје, пишува порталот.
На жрепка во седиштето на Европската ракометна федерација во Виена минатата седмица беше одлучено Алкалоид прво да гостува во Атина, со што ќе има шанса пред своите навивачи да го освои трофејот во Европскиот куп.
Реваншот во Скопје ќе биде една седмица по натпреварот во Атина, односно на 25 мај.