Адвокатот на обвинетите најавува нова жалба во Стразбур – откако ќе завршат судењата


Простор за триумфализам на Владата нема, а со решението на Стразбур не се одлучува дали важат или не важат аболициите дадени од претседателот Ѓорѓе Иванов.
 
Вака адвокатот Влатко Илиевски за „Макфакс“ ја објасни одлуката донесена од Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Тој посочува дека откако Кривичен суд, Апелација, па на крај и Врховен суд ќе донесат пресуди за предметите, со што ќе се исцрпат сите правни лекови, ќе треба Стразбур да пресече за аболициите, иако во пресудата на Судот за човекови права јасно стои дека аболицијата е недопустлива а нивната одлука за овие предмети – конечна. 
 

„Ова решение значи дека апликантите, односно жалителите треба да ги исцрпат прво тука сите правни лекови, пред националните судови за да можат по добивање на конечната пресуда, каква и да е таа, да одлучат дали ќе поднесат нова апликација во Стразбур или не. Оваа одлука денеска е решение, со оваа одлука не се решава мериторно по однос на суштината на барањето (поништувањето на дадените аболиции од Иванов) туку од процедурален аспект се одбива како преуранета. Од тие причини сметам дека нема простор за голем триумфализам кај Владата дека е одлучено во нивна полза. Едноставно треба да почека да се исцрпат сите правни лекови“, објаснува Илиевски за „Макфакс“.

Адвокатот очекува дека домашните судови ќе ги земат во предвид аргументите кои се дел од апликацијата доставена пред Стразбур, а во која се наведува дека еднаш дадена аболиција од претседател на држава, не може да се поништи и таа е важечка.Според адвокатот, ова е шанса на Врховен суд да се произнесе по однос на валидноста на аболициите.

Прашан дали решението значи дека не е одлучено по прашањето дали аболициите се важечки или поништени, адвокатот Влатко Илиевски вели: „Да, не се одлучува по однос на тоа прашање“.

Илиевски, во изјава за „360 степени“,пак, вели дека му е несфатливо што на ЕСЧП му било потребно долго време да одлучи дека апликацијата е преуранета.

Илиевски е застапник на обвинетите и осудените пред судот, а инаку е сопруг на Гордана Јанкуловска, една од засегнатите од денешната одлука на ЕСЧП.