Aдвокат со кубанско потекло назначен за шеф за внатрешна безбедност на САД


САД – Новоизбраниот американски претседател Џо Бајден го номинираше Алехандро Мајоркас, адвокат со кубанско потекло, за американски секретар за внатрешна безбедност, соопшти тимот на Бајден.

На Мајоркас, поранешен јавен обвинител во Калифорнија и заменик-министер за внатрешна безбедност на САД во администрацијата на Барак Обама, му е доверено Министерството за внатрешна безбедност и се очекува да ја смени строгата имиграциска политика на Трамп.

Министерството за внатрешна безбедност е основано по терористичките напади на 11 септември 2001 година, управува со крајбрежната стража и тајната служба, вработува околу 240.000 луѓе и е одговорно за безбедноста на границата, имиграциската контрола и кибер безбедноста, природни катастрофи и обезбедување помош на ранливите категории.

Мајоркас, кој сега има 61 година, е роден во Хавана, но со семејството побегнал од режимот на Кастро во САД кога имал една година, прво во Флорида, а потоа во Калифорнија.

„Соединетите Американски Држави ми дадоа на мене и на моето семејство место за живеење и засолниште. Денес сум номиниран да ги заштитам сите Американци и оние кои емигрираат во Америка барајќи подобар живот за себе и за своите најблиски“, напиша Мајоркас на Твитер.