Административците ќе мораат да се преедуцираат за да не ја загубат работата
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, давајќи отчет за „100 дена Влада“, најави рече дека административците што не покажуваат добри резултати на местата на кои се наоѓаат ќе мора да одат на обука што ќе се организира преку нова Академија за административни службеници.
Соред Минчев, главен проблем во администрацијата не е превработеноста, иако и таа е висока, туку недоволната компетентност , недоволната стручност и недоволниот професионализам поради кои не може да даде резултат. Тоа, пак, според негова оценка, е последица на партизацијата на администрацијата, на вработувањата според етничка припадност, а не според стручност и на непотизмот.
-Јас сум за професионална, добро средена и намалена јавна администрација, но тоа не може да се направи преку нож бидејќи е процес“, рече Минчев илустрирајќи го тоа низ бројки.
Како што спомна, во 2016 година во јавната администрација имало 129.000 вработени во 1.290 институции, а во 2023 бројката на вработени била речиси иста – 128.000, но имало 1.370 институции. Само во неговото министерство тој оцени дека се вишок половината, но реформата што ја подготвува не предвидува намалување на бројката туку преедукација, а отказ само за тие што ќе го одбијат тоа или и натаму нема да се обидуваат да дадат подобар резултат.
Прашан директно што же се прави со некомпетентните, Минчев одговори дека „ќе останат на работа“, но ќе мора да се спроведе паралелен процес во самата администрација во кој ќе бидат прашани на транспарентен начин какви им се афинитетите, каде се гледаат себеси и каков придонес можат да дадат во службата, практично ќе бидат анкетирани за да се види каде припаѓаат.
-Ќе се направи и внатрешна преедукација. Не може некој да не работи а да зема плата, тоа предизвикува револт кај другите кои работат до доцна“, рече Минчев. Тој најави дека државата ќе ги плаќа трошоците за преедукација, но генерално не очекува новата академија, што ќе биде формирана за тоа и ќе функционира континуирано, ќе предизвика финансиски импликации бидејќи и досега во Министерството што го води имало сектор за реедукација на вработени. Формирањето на академијата, рече тој, веќе е почната процедура.
Во рамките на постигнувањата стоте дена, Минчев кажа и дека се повлечени од Собранието трите клучни закони – Законот за административни службеници, Законот за вработување во јавната администрација и Занокот за професионален развој и обука на јавните службеници – но дека тие се бенчмаркси што ги бара Европската комисија и мора да се вратат во процедура до 2025 година, така што откако ќе поминат низ ревизијата и широка јавна расправа, бидејќи биле според него неквалитетни и несоодветни, до крајот на ноември или почетокот на декември ќе бидат вратени во Собранието.Во однос и на Законот за висока раководна служба тој навести дека ќе одат „чекор по чекор“.
Практично, според овие изјави, продолжува практиката што ја гледаме со години наназад – нон стоп да се подготвуваат или менуваат закони за реформа на јавната администрација, да се промовираат па да се држат во фиока, бидејќи тие што треба да ги напишат, изгласаат и спроведат сакаат токму ваква јавна администрација, т.е. партизирана и која функционира врз основа на политичко самоволие место мерит систем. (С.Ј.)