АД ЕСМ подружница ,,Енергетика” почна со парно греење во Железара, Автокоманда, Триангла, Маџари и Хиподром
АД ЕСМ, подружница „Енергетика” почна со испорака на топлинска енергија, пред официјалниот почеток на грејната сезона. Парно греење од „Енергетика” денеска добија 3.546 домаќинства, 17 основни и средни училишта и детски градинки и 75 деловни субјекти во скопските населбите Железара, Автокоманда, Триангла, Маџари и Хиподром.
-Согласно Правилникот за снабдување со топлинска енергија, испораката може да почне и пред 15 октомври, доколку прогнозираната средна надворешна температура за наредниот ден е еднаква или помала од 12 степени, според официјалните податоци од Управата за хидрометеоролошки работи. Стручните екипи на АД ЕСМ-„Енергетика” во изминатиов период вршеа ладни проби на системот, со цел да се обезбеди сигурно и квалитетно снабдување со топлинска енергија за корисниците, соопшти АД Електрани на Северна Македонија.
Посочуваат дека „Енергетика” бележи зголемен интерес за приклучување на системот на парно греење, како од индивидуални куќи, така и од новоизградени станбени згради во овие населби.
Во управната зграда на ,,Енергетика” во населбата Железара достапна е канцеларија за сите информации потребни на граѓаните, како и телефонските броеви 3104 816 и 3104 872.