АД ЕСМ наскоро со два нови капацитетa за производство на обновлива енергија
АД ЕСМ и КфВ банка потпишаа договори за реализација на ФЕ Битола 2 и втората фаза од ветерниот парк Богданци
![](https://nezavisen.mk/wp-content/uploads/2020/09/veteren-park-bogdanci-veternici.jpg)
Со денешното потпишување на сепаратните проектни договори меѓу АД ЕСМ и германската КфВ банка почнува процесот за изградба на фотоволтаичната електроцентрала „Битола 2“ и реализацијата на втората фаза од изградбата на ветерниот парк „Богданци“ за што претходно лани во декември беше обезбеден заем од 55 милиони евра од Банката со државна гаранција потпишана од Министерството за финансии по исклучително поволни услови, со рок на отплата од 15 години и вклучен грејс период од 5 години.
-Денеска и формално го означуваме почетокот на изградбата на втората фаза од изградбата на Ветерниот парк „Богданци“ и изградбата на Фотонапонската централа „Битола 2“, два капацитета за производство на обновлива енергија. Инвестицијата е вредна 55 милиони евра од кои 47,3 милиони евра се за Фотонапонската централа „Битола 2“, а 7,7 милиони евра за втората фаза од Ветерниот парк „Богданци“, рече премиерот Христијан Мицкоски на прес-конференцијата по потпишувањето на договорите во Владата.
Тој нагласи дека „Битола 2“ ќе се гради во рамките на РЕК Битола и ќе има инсталиран капацитет од 50 до 60 мегавати со што се очекува да произведува околу 80 до 90 гигават часови електрична енергија годишно што е доволно за напојување на 20-тина илјади домаќинства со што ќе се намали емисијата на јаглерод диоксид за 63.000 тони годишно.
-Со втората фаза од изградбата на ветерниот парк „Богданци“ е предвидено изградба на дополнителни четири ветерни турбини, со што инсталираната моќност ќе биде зголемена за 13,6 мегавати. Со тоа вкупната инсталирана моќност на првиот дел од проектот заедно со вториот ќе биде повеќе од 50 мегавати, обезбедувајќи дополнително годишно производство од 37 гигават часови, зелена енергија, рече Мицкоски.
На овој начин, додаде, се бориме за поголема енергетска независност и поголема ефикасност.
Во одговор на новинарско прашање рече дека континуирано има средби со потенцијални инвеститори заинтересирани за градба на когенеративни гасни централи.
-Кога станува збор за изградба на когенеративни гасни централи кај нас има повеќе компании кои се заинтересирани. На оваа тема разговараме на Влада и со ресорното министерство и кога ќе има нешто попрецизно ќе ја информираме јавноста, рече Мицкоски.
Сите инвестиции за кои се разговара, потенцира, се пазарно ориентирани и не се како оние претходните што требаше да поминат како стратешки проекти во Собранието.
Според него, и покрај последното зголемување на цената на природниот гас на светските берзи не се намалува интересот за изградба на вакви објекти, бидејќи Скопје и земјава имаат голем пазар за топлина и за електрична енергија кој е недоволно искористен.
-Може да се создаде добар бизнис модел кој е исплатлив за секој инвеститор, посочи Мицкоски.
Германската амбасадорка Петра Дрекслер рече дека Германија и во својата држава и на меѓународно ниво се залага за амбициозна климатска политика во која спаѓа и забрзаната изградба на извори на обновлива енергија. Нагласи дека енергетската транзиција нема алтернатива во поглед на глобалното справување со климатските промени, но додаде дека, воедно е и шанса за енергетска независност, а со тоа и за поголема безбедност и економска одржливост.
-Економијата и заштитата на климата не се спротивставени, туку напротив енергетската транзиција нуди можност за создавање нови работни места, нови пазари и нова додадена вредност, рече Дрекслер.
Нагласи дека Германија дава поддршка во енергетската транзиција со знаење и со партнерства.
-Со нашата финансиска и техничка поддршка ние веќе 20 години сме активни во Северна Македонија во делот на зелена енергија, рече Дрекслер.
Мориц Реме, регионалниот директор на канцеларијата на германската КфВ банка за Скопје и за Приштина, денешниот ден го оцени како посебен, бидејќи се лансира проект со кој ќе се надгради Ветерниот парк „Богданци“, кој во 2014 година беше првиот ваков проект во поширокиот регион со што, како што кажа, имаше функција да ги отвори вратите за понатаму.
-Тогаш на партнерите во регионот им стана јасно дека ваквите проекти се возможни не само технички, туку имаат и конкретна корист. Тој проект е комерцијално успешен, а денеска е и ден кога него го поврзуваме со нов значаен проект каков што е Фотонапонската централа „Битола 2“ – првиот македонско-германски соларен парк во Битола, рече Реме и додаде дека земјава е предвесник и предводник во поглед на реализацијата на зелената агенда.
Генералниот директор на АД ЕСМ Лазо Узунчев истакна дека се очекува двата проекти да бидат готови 2027 година.
-По неполни два месеци АД ЕСМ и КфВ банката ја продолжуваат својата соработка насочена кон реализација на енергетски проекти кои значително ќе го зголемат портфолиото на државата со нови производни капацитети на електрична енергија од обновливи извори, рече Узунчев.
Нагласи дека со надградбата Ветерниот парк „Богданци“ во 2027 година ќе има очекуван бруто годишен приход по фидин тарифа од околу 3,3 милиони евра.
-Двете нови електрани ќе ни овозможат зголемување на домашното производство на зелена енергија и забрзување на патот кон наша целосна енергетска независност. Тие ќе ни овозможат и побрзо достигнување на европските норми за емисии на стакленички гасови, односно обезбедување на здрава животна средина и почист воздух за граѓаните. Во делот на економијата, меѓу другото, произведената зелена енергија преку новите капацитети ќе им овозможи поголема конкурентност на извезените домашни производи заради прилагодување со регулативата за јаглеродна давачка, потенцира Узунчев.