Аца Лукас и други естрадни ѕвезди во одбрана на угледот на Александар Вучиќ
Петицијата за „одбрана на угледот“ на српскиот претседател Александар Вучиќ по обвинувањата од исказот на водачот на навивачко-криминалната група Вељко Беливук дека соработувал со претставници на владата и со самиот Вучиќ, прерасна од првичните сто потписници на над 450 имиња, претежно партиски фигури, претставници на јавни претпријатија и луѓе од естрадата.
Петицијата е иницирана од непозната организација која се претставува како Институт за политичко вмрежување под наслов „Петиција за решителна одбрана на угледот и институциите на претседателот на Република Србија Александар Вучиќ од медиумската војна предводена од политички и интересни групи во земјата и опкружувањето и медиумите под нивна контрола “.
Меѓу потписниците има најмногу пратеници на Српската напредна партија, пратеници во Собранието на Војводина, вработени во јавни претпријатија, како и естрадни личности, меѓу кои освен Аца Лукас се и пејачите Кија Коцкар, Маја Николиќ, Ружа Рупиќ.
Особено се забележува дека на списокот има повеќе од 30 директори на јавни претпријатија и здравствени установи во Србија, а како што многумина не ги напишаа своите функции крај потписот можно е бројот да биде уште поголем.
Советникот на министерот за полиција, Светозар Вујачиќ, еден од оние што ја потпишаа петицијата, објасни за телевизијата Н1 што го загрозува претседателот.
„Претседателот на државата е загрозен од неговиот успех… што не може да се прости не само во Србија, туку тоа не можат да му го простат и многу моќни луѓе на Запад. Нека видат дека има друга страна во приказната и дека има и други луѓе кои не размислуваат како нив“, рече Вујачиќ.
Сепак, некои од лицата чии имиња беа на петицијата тврдат дека не ја потпишале, како што изјави за „Данас“, Милован Дрецун, претседател на Комитетот за Косово и Метохија во Националното собрание и пратеник на СНС, а Вања Булиќ, новинар, публицист и писател, истото тоа ѝ го кажа на Н1.
На новинарско прашање од „Данас“ да објасни зошто ја потпишал петицијата, Милован Дрецун рече дека тој не го сторил тоа.
„Ништо не потпишав, не знам за што зборувате“, рече Дрецун. На повторно прашање дали навистина не го дал својот потпис, како и испратениот документ во кој пишува дека го поддржува текстот на петицијата, Милован Дрецун одговори: „Јас ви реков“. (Данас)