Абазовиќ: Го критикуваме Брисел, но за едно нешто е во право


Пред Брисел и Вашингтон не треба да се додворуваме туку треба да се докажеме, порача премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ во своето денешно обраќање на иницијативата Отворен Балкан. Абазовиќ, чија земја сѐ уште не е формално членка на иницијативата Отворен Балкан, ги покани лидерите на сите шест земји од регионот да дојдат во Црна Гора и да седнат на преговарачка маса.

„Дојдете во Црна Гора сите земји од Западниот Балкан. Сите лидери се повеќе од добредојдени. Очекувам во овој состав, сите шестмина, да поразговараме, оти тоа е патот и единствен начин да се докажеме пред своите граѓани и да се докажеме пред Брисел и пред Вашингтон. Не да се додворуваме, туку да објасниме дека и ние знаеме и можеме да работиме поинаку“, рече Абазовиќ.

Според него, многу го критикуваме Брисел за евроинтеграцијата но тој за едно нешто е во право.

„Ние мораме да го менуваме регионот. Брисел, колку и да го критикуваме за евроинтеграциите, за една работа е во право. Тоа е дека отворените прашања на земјите од регионот не смеат да влезат во Европската Унија. Затоа сигурен сум дека  можеме да седнеме и секое прашање отворено да го решиме и да направиме овој дел на светот да припадне на европската заедница. Затоа мораме да го смениме размислувањето овде, а тоа е токму преку „Отворен Балкан“ да праќаме оптимистички пораки за соработка“, изјави Абазовиќ.Политиките на конфликти, подвлече тој, треба да ги замениме со соработка и пријателство.

Економската, туристичката, енергетската и инфраструктурните соработки ни се единствен правилен пат како може да се докажеме и пред своите граѓани и пред Брисел и Вашингтон, изјави црногорскиот премиер.