Абрамович мора да и префрли 2,5 милијарди фунти од продажбата на Челзи на Украина
Британскиот премиер Кир Стармер изјави дека британската влада формално го одобрила трансферот на 2,5 милијарди фунти на Украина – средства добиени од продажбата на фудбалскиот клуб Челзи од страна на рускиот олигарх Роман Абрамович, објави Би-Би-Си. Лондон го обврза Абрамович да префрли 2,5 милијарди фунти од продажбата на Челзи во Украина
Сега префрлањето на средствата мора лично да го одобри Абрамович. Во спротивно, британските власти се подготвени да поднесат тужба против него. Стармер ја даде изјавата за време на говорот во парламентот во среда, нагласувајќи дека парите треба да бидат насочени кон посебен фонд за помош на Украина.
„Сакам да му ставам до знаење на Абрамович: времето отчукува. Одржете го ветувањето и платете веднаш. Ако не го сторите тоа, ние сме подготвени да одиме на суд и да се погрижиме секој денар да стигне до луѓето чии животи беа уништени од нелегалната војна на Путин“, рече британскиот премиер.
По руската инвазија на Украина, британската влада му дозволи на Абрамович , кој беше санкциониран поради неговите врски со рускиот претседател Владимир Путин, да го продаде Челзи на американскиот бизнисмен Тод Боули и инвестициската фирма Клирлејк Капитал. Договорот беше одобрен под услов 2,5 милијарди фунти од приходите од продажбата да бидат донирани на добротворни организации кои ги поддржуваат жртвите од војната во Украина .
Откако договорот беше финализиран, средствата беа префрлени на посебна банкарска сметка и замрзнати додека не бидат насочени кон фондот за Украина. Тие не можеа да се користат или префрлаат без лиценца од британското Министерство за финансии. Според Стармер, таква лиценца веќе е издадена, што го отвора патот за конечен трансфер на средствата.