AББA слави 50 години од победата на Евровизија
Обожавателите на шведската поп група АББА денеска на лондонската железничка станица „Ватерло“ прославија 50 години од победата на групата на Евровизија со истоимената песна.
Шведскиот квартет триумфираше на денешен ден во 1974 година, а песната „Ватерло“ повторно се слушна на истоимената станица, именувана по битката во 1815 година во која Наполеон беше поразен, пренесе АП.
Хор им пееше песни на станицата на патниците кои одеа на работа.
Фановите се собраа во англискиот приморски град Брајтон, каде што се одржа натпреварот во 1974 година, и пееја и танцуваа на песните на АББА за да ја одбележат годишнината.
По победата, АББА станаа најуспешниот бенд кој триумфирал на Евровизија.
Групата продаде стотици милиони плочи ширум светот, а врз основа на нејзините песни е снимен мјузиклот „Мама миа“ и два филма.