АББА побара од Трамп да не ја користи нивната музика во кампањата
АББА побараа од Доналд Трамп да престане да ја користи нивната музика откако поранешниот американски претседател пушти неколку нивни песни и користеше снимки од групата на предизборен митинг.
Републиканскиот претседателски кандидат пушташе хитови меѓу кои Money, Money, Money, The Winner Takes It All и Dancing Queen на неговиот настан во Сент Клауд, Минесота, американската држава со најмногу шведско население, во вторникот, објави весникот „Свенска дагбладет“.
Кампањата, исто така, покажа филмски снимки од членовите на АББА на голем видео екран на хокејскиот стадион, заедно со пораки со кои се бара поддршка за донирање.
„Универзал мјузик“, издавачката куќа на шведската група, рече дека од кампањата на Трамп не била побарана дозвола за користење музика или видеа на АБА и дека снимките од настанот мора „веднаш да бидат отстранети“.
Еден од членовите на групата, Бјорн Улвеус, наводно изјави за шведскиот њузвајр ТТ преку текстуална порака: „Нашата дискографска куќа ‘Универзал’ се погрижи да биде симната“.
Бени Андерсон, Агнета Фелтског, Ани-Фрид Лингстад и Улвеус се последните во низата кои реагираат што нивната музика се користи од кампањата на Трамп.
Селин Дион се изјасни против употребата на My Heart Will Go On на предизборен митинг во Монтана, додека Бијонсе го блокираше Трамп да ја користи нејзината песна Freedom, главната песна за кампањата на неговата демократска ривалка Камала Харис, откако беше прикажана во спот за кампањата на Трамп.