ААК на Харадинај бара итна седница на владата и прекинување на дијалогот со Србија


 Алијансата за иднината на Косово (ААК) бара итна вонредна седница на Владата поради новосоздадената ситуација со обвиненијата од Меѓународниот суд за Косово против претседателот на државата Хашим Тачи и други основачи и водачи на Ослободителната војска на Косово.Партијата на порнешниот премиер Рамуша Харадинај, која е дел од Владата на Косово, исто така бара „веднаш да се прекинат сите активности во врска со процесот на дијалогот со Србија, се додека не се промени актуелната ситуација“.

Овие барања беа изнесени на денешната вонредна седница на Претседателството на ААК, на која беше побарано и итно свикување на Советот за безбедност на Косово, како и седница на Собранието на Косово „за поддршка на вредностите на ОВК и на борците за слобода“.

ААК повика и на средба на целиот политички спектар, со цел „да се постигне национално единство во соочувањето на политичките и уставните предизвици“.

– ААК го следи со вознемиреност развојот на настаните по обвиненијата на Специјалните комори против поранешните борци на ОВК. ААК верува во правдата, во праведната борба на Косово и во невиностана борците на ОВК. Борбата на ОВК беше ослободителна и одбранбена борба, против злосторничкиот и геноциден српски окупатор и, како и многу пати досега, ќе се докаже нејзината чистота, се вели во соопштението на партијата на Харадинај по итната седница на партиското претседателство.

Освен обвинението против Тачи, кој поради тоа поднесе оставка од функцијата претседател на државата, денеска беа потврдени обвиненијата од Хаг и за лидерот на Демократската партија на Косово и поранешен претседател на Собранието, Кадри Весели и за шефот на пратеничката група на партијата Движење самоопределување, Реџеп Селими. Весели е еден од основачите и шеф на разузнувањето на ОВК, а Селими исто така истакната личност во таа воена формација од нејзиното основање и во текот на војната со Србија во 1998-99 година.

Вчера полицијата на Мисијата на ЕУ за владеење на правото во Косово ЕУЛЕКС го приведе и го екстрадира во притворното одделение на Судот во Хаг и некогашниот портпарол на ОВК и поранешен претседател на Собранието на Косово Јакуп Красниќи.

Специјализираните комори за Косово, како што е официјалниот назив на меѓународниот суд,  кој во косовската јавност е познат како „суд за ОВК“, го водат меѓународни обвинители и судии.

Покана да се јават пред Обвинителството, во својство на осомничени или сведоци за злосторства против цивилното албанско и српско население во Косово за време и по последната војна, според досегашните информации, имаат добиено над 300 поранешни водачи или други припадници на ОВК.