Кина по локалните избори во Тајван: „Обединувањето“ не може да се запре
Кина денеска предупреди дека „обединувањето“ не може да се запре, реагирајќи на резултатите од локалните избори во Тајван на кои владејачката Демократска прогресивна партија (ДПП) го дуплираше бројот на градови и окрузи под нејзина власт, иако ја загуби трката за градоначалник на Тајпеј.
Кина го смета демократски управуваниот Тајван за дел од својата територија и никогаш не ја исклучила можноста за употреба на сила за да го стави островот под своја контрола.
Тајванската влада ги отфрла територијалните претензии на Пекинг.
Кинеската канцеларија за прашања поврзани со Тајван соопшти дека ги зема предвид резултатите од изборите, додавајќи дека мнозинството од тајванската јавност сака мир, развој, размена и соработка.
„Без оглед на промените на тајванската политичка сцена, тие не можат да го променат правецот и развојот на односите меѓу двете страни на Тајванската Теснина, ниту да го запрат историскиот процес во кој татковината мора и неизбежно ќе биде повторно обединета“, се наведува во соопштението за медиумите.
Кинеската влада ќе продолжи „решително да се справува со сепаратистичките сили кои се залагаат за независност на Тајван и да се спротивставува на надворешното мешање“ и да ја промовира „големата цел за национално обединување“, додаде таа.
Тајванската влада изјави дека Кина треба да го почитува демократскиот систем на Тајван и одлуките на неговите граѓани и прагматично да пристапи кон резултатите од изборите. Пекинг треба да разговара со демократски избраната, легитимна влада на Тајван врз основа на принципот на еднаквост и меѓусебно почитување, без поставување предуслови, објави Советот за прашања на континентална Кина на Тајван, кој е задолжен за обликување на политиката кон Пекинг.
Кина одбива да разговара со тајванскиот претседател Лаи Чинг-те, нарекувајќи го „сепаратист“. Лаи, кој е и претседател на ДПП, истакнува дека само народот на Тајван може да одлучи за својата иднина. Односите со Кина не беа истакнати во изборната кампања, која се фокусираше на домашни прашања како што се безбедноста на водата и училишните оброци. Меѓутоа, пред изборите, Кина постојано го напаѓаше кандидатот на ДПП за градоначалник на Тајпеј, Пума Шен, кој, исто така, за Пекинг е „сепаратист“.