Секој трет млад човек во Македонија е без работа


Фото: Б. Грданоски

Македонија е меѓу европските земји во кои младите најтешко доаѓаат до работа. Со стапка на младинска невработеност од 29 отсто во вториот квартал од 2026 година, земјава се наоѓа на третото место меѓу 35 европски земји, покажува анализата на „Еуроњуз“, базирана на податоците на Евростат.

Тоа значи дека речиси секој трет економски активен млад човек на возраст од 15 до 24 години во Македонија е без работа.

Полоша состојба има единствено во Босна и Херцеговина, каде што младинската невработеност достигнува 32,2 отсто, и во Романија, со стапка од 30,7 отсто.

На спротивниот крај од листата се Германија и Малта, каде што невработеноста кај младите е под осум проценти.

Проблемот со вработувањето на младите е присутен и во Европската Унија. Стапката на невработеност кај лицата на возраст од 15 до 24 години е трипати повисока од онаа кај населението на возраст од 25 до 74 години.

Недостигот од работно искуство, тешкиот премин од образованието кон пазарот на трудот и неусогласеноста меѓу квалификациите и потребите на работодавците се дел од факторите што генерално го отежнуваат вработувањето на младите.