Место за средби крај Скопје: Приказната на Винарија „Душа“


 

За Емилија Димиќ, виното е повод луѓето да се соберат, да разговараат и да создадат спомени. „Затоа сакавме Душа да биде место каде што тоа ќе се случува, близу до градот, а сепак доволно далеку од секојдневието“, вели таа по повод отворањето на Винарија „Душа“ во Волково, на само 10 километри од центарот на Скопје и пет минути возење од обиколницата.

Заедно со нејзиниот сопруг Небојша Димиќ, и двајцата македонски електроинженери кои живеат во САД и своите кариери ги граделе во ИТ-индустријата, тие ја претвориле љубовта кон виното во студии по енологија во Сиетл. Знаењето стекнато таму денес го вградуваат во секое шише на винаријата основана во 2023 година. Небојша објаснува дека во „Душа“ се спојуваат инженерската прецизност, анализата и современата технологија со креативноста, интуицијата и почитта кон традицијата, со цел гостите да го почувствуваат тоа од лозата до чашата.

Посетите во „Душа“ се одвиваат со резервација и нудат неколку вински искуства за помали групи до 12 луѓе и поголеми групи до 50 луѓе, вклучувајќи приватни настани, прослави, тимски дружења и деловни средби. Секое искуство носи водена тура низ винаријата, запознавање со процесот на производство и дегустација на четири вина: белото куве „Ведрина“, розето „Зора“, ароматичната „Темјаника“ и новото црвено вино „Допир“, придружени со мезе даска или автентични македонски специјалитети, а едно од искуствата е посветено на сортите смедеревка, темјаника, станушина и вранец.

Покрај винаријата во Волково, „Душа“ има и лозарско земјиште во Ресава, во срцето на Тиквеш, каде што најголемиот дел од насадите се речиси 50-годишни лози темјаника со концентрирано грозје со карактер. А во самиот двор во Волково сè уште раѓа дел од старото семејно лозје што пред генерации го засадил прадедото на сопственикот, откако земјата ја купил со пари заработени градејќи железнички пруги во Америка, имот кој подоцна бил поделен меѓу наследниците, а правнукот Небојша децении подоцна повторно го откупил и обединил. https://www.instagram.com/dushawinery/

(Комерцијален текст)