Продолжува амандманската расправа за предлог-буџетот за 2027


Фото: Б. Грданоски

Во собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска треба да продолжи амандманската расправа за Предлог-буџетот за 2027 година. За предложениот буџет поднесени се 400 амандмани од овластени предлагачи. 

Вчера беа разгледани 19 амандмани од опозицијата, а беше прифатен само еден поднесен од „Европски фронт“ којшто се однесуваше на обезбедување на средства во износ од 1.720.000 денари за поддршка на младите категории на граѓани.

Поднесените амандмани се однесуваа на обезбедување на дополнителни средства за инфраструктурни проекти, за развој на земјоделството и спроведување на активности за младите.

Во Предлог-буџетот за 2027 година вкупните приходи се планирани на ниво од 395,4 милијарди денари, што е 5,7 отсто повеќе во споредба со 2026 година, а вкупните расходи се проектирани на 440,4 милијарди денари, што е за 4,8 отсто во споредба со 2026 година.

Буџетскиот дефицит е планиран на 45 милијарди денари, односно 3,5 отсто од БДП, и е во согласност со фискалната стратегија за периодот 2027 – 2031 година.

За капитални расходи се планирани 40,8 милијарди денари. Даночните приходи се проектирани на 223,1 милијарди денари, што претставува раст од 6,4 проценти. За социјални трансфери се предвидени 220,8 милијарди денари, што е зголемување за 4,1 проценти, од кои 123,8 милијарди денари за исплата на пензии или раст за 4,8 проценти во согласност со законското усогласување.