Почна божикниот пост, 40 дена духовна подготовка за Христовото раѓање
За православните христијански верници кои се водат според јулијанскиот календар денеска почна шестнеделниот божикен пост. Постот ќе трае 40 дена, односно до Божик, 7 јануари, денот на раѓањето на Исус Христос. Бидејќи датумот на Божик не се менува, постот секоја година почнува на 28 ноември, а завршува на Бадник, 6 јануари.
Христијанскиот пост е воведен по примерот на Исус Христос, кој 40 дена поминал во пустина во пост и молитва. Постот претставува духовна и телесна подготовка на човекот за влез во тајната на претстојниот празник. Божикниот пост е втор по должина на траење, веднаш по велигденскиот.
Во однос на „строгоста“ за употреба на храна, божикниот пост е „поблаг“, бидејќи дозволува користење вино, масло за јадење и риба.

Според типикот на црквата, божикните пости се постат на следниот начин: понеделник, вторник и четврток на масло, среда и петок строг пост, сабота, недела и празници е допуштено риба. За монаштвото е благословено и понеделник да е строг пост, а за мирјаните кои имаат именден или куќна слава е благословено употреба на риба.
Целта на постот е да се „исчистат“ духот и телото, што се постигнува не само со воздржување од мрсна храна, туку и од лоши мисли, зборови и дела. За време на Божикниот пост, посни се и сите славски трпези.
Со Канонот на Православната црква се предвидени еднодневни и повеќедневни пости. Еднодневните пости се во среда и петок, Водокрст на 18 јануари, Отсекувањето на главата на св. Јован Крстител на 11 септември и Крстовден на 27 септември. Повеќедневни пости се велигденските, петровденските, богородичните и божикните пости.

Божикниот пост, како и останатите повеќедневни постови, датира од првите векови на христијанството и се споменува во делата на светите отци од IV и V век.
Основата врз која се појавил божикниот пост бил постот спроти празникот Богојавление, кој во Црквата се празнува од III век, а во IV век бил поделен на празниците Рождество Христово и Крштение Господово.
Во V век, папата Лав Велики сведочи за пост пред Божик, но и во овој период неговата должина и строгост значително варирале помеѓу различните христијански заедници. Постот често се нарекувал „Филипов пост“ затоа што започнувал по празникот на свети апостол Филип, на 14 ноември.
_RWV2YlBn0/large.webp?use_watermark=1)
Во периодот меѓу VI и IX век, источните цркви постепено го прифаќале постот како 40-дневна подготовка, но оваа практика сè уште не била официјално усогласена низ целиот христијански Исток.
Првобитно постот траел седум дена, а одлуката христијаните пред празникот – Раѓањето Христово да постат 40 дена е донесена на Соборот во Цариград во 1166 година.

Постот не подразбира само воздржување од одредени видови храна – месо, млечни производи и јајца, туку и почеста молитва и учество во богослужбите, покајание и преиспитување на сопствените постапки, простување и помирување со ближните, милосрдие, помагање на сиромашните и на оние на кои им е потребна помош, воздржување од лоши мисли, зборови, осудување и навреди.
Целта е човекот да се ослободи од себичноста, гневот, зависта и омразата и да го дочека Божик со чисто срце.
