Ниту една фирма не се пријавила за реконструкција на Планетариумот, Град Скопје распиша нов тендер
Град Скопје го поништи тендерот за реконструкција и реновирање на Планетариумот во Младинскиот културен центар (МКЦ), откако на јавната набавка не пристигнала ниту една понуда.
Од градските власти информираат дека во тек е втората постапка за јавна набавка, со цел да се реализира долгоочекуваниот проект за обнова на Планетариумот.
Идејата е овој објект повторно да ги отвори вратите за љубителите на астрономијата и да прерасне во современ едукативен центар, каде што децата и младите ќе имаат можност да истражуваат и да ги збогатуваат своите знаења.
Од Град Скопје посочуваат дека активно работат на реализација на проектот, и покрај неуспешната прва тендерска постапка.
Засега не е познато кога ќе започнат градежните активности и кога обновениот Планетариум ќе биде повторно достапен за посетителите.